Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците вечерва ја заврши расправата за Предлог-законот за реорганизација на органите на државната управа, по скратена постапка и тој е даден на натамошна постапка. За Собранието да го изгласа законот, потребно е двотретинско мнозинство. Засега собраниската седница не е закажана, иако беше најавено дека тоа може да се случи в понеделник.
За Предлог-законот бил поднесен еден амандман од Левица, но тој беше одбиен како неуреден. За законот дебатираа само пратениците од СДСМ, кој сметаат дека ова е погрешно решение, кое се носи по скратена постапка, без анализа и дебата и може да има лошо влијание.
Пратеничката Јованка Тренечевска, зборуваше за Предлог-законот во делот на труд и социјална политика и поделбата на надлежностите потенцирајќи дека станува збор за шминка и дека ќе се руинира она што е направено во изминатите 30 години. Дополнително, посочи таа во законот стои дека ќе има фискални импликации но не се посочува колку ќе чини оваа реформа. Таа обвини дека ВМРО-ДПМНЕ веднаш постапува спротивно на изборната платформа.
Тренчевска зборуваше и за новото министерство за спорт, посочувајќи дека освен во Луксембург, во ниту една друга европска земја нема посебно вакво министерство.
– Кај нас затоа што Борко Ристевски сака да стане министер се прави вакво министерство – рече Тренчевска.
Според неа, до стапување на сила на овој закон ќе настане конфузија и министерствата нема да бидат функционални. Овие позиции, предупреди Тренчевска, може да влијаат и на губење на парите од европските фондови.
Славјанка Петровска, пратеничка од СДСМ, смета дека почетокот на ова парламентарно мнозинство е поразително посочувајќи на скратената постапка со која се носи овој Предлог-закон.
Претходно Фатмир Битиќи, вицепремиер и пратеник од СДСМ, зборуваше за Предлог-законот изнесувајќи низа критики, меѓу кои и дека тој се носи без соодветна анализа и дебата, како и без објаснување како тој ќе ги смени животите на граѓаните. Според него, се зголемува бројот на министерства и другите органи а со тоа администрацијата ќе стане поробусна и уште понеефикасна.
По завршување на расправата на Комисијата за политички систем, Предлог-законот треба да го разгледа и Законодавно-правната комисија.
Претходно денеска Собранието ја изгласа потребата за носење на Предлог законот за реорганизација на органите на државната управа, што претставува вовед во формирање на новата Влада меѓу ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ.