Рендген снимки ќе се читаат и онлајн, најави денеска министерот за здравство Фатмир Меџити.
– Во одреден град ако има доктор што чита дневно еден рендген на една рака или нога, отсега натаму нема да биде така. Онлајн ќе бидат вклучени сите, ќе има ограничен број колку дневно да си ја изработи платата, колку треба да прочита, над тој број и дома нашите почитувани радиолози ако сакаат за повеќе финансиски примања, ќе имаат можност да прочитаат со цел да не се чека толку долго – појасни министерот.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече ќе треба време за ова.
– Ќе ни треба поддршка и од вас новинарите и од медиумските куќи, но ние сме тука да почнеме да ги решаваме проблемите – нагласи Меџити зборувајќи за дијагностицирањето.
Тој нагласи дека работи напорно со целиот тим.
– Проблемот е во систематизацијата и во реорганизацијата. Во Клиничкиот кадар, ќе повторам, имаме доволно кадар и здравствени работници и сестри. Знаете дека ние прво треба да ја средиме примарната здравствена заштита, тука треба да направиме голем пресек. Ова не се прави за еден ден, или два, ќе треба повеќе време, можеби и години, но, ние мора да започнеме работите да се движат композитивно и јас тука имам и мој предлог, моја визија и работиме и на тоа. Имаме формирано група на дигитализација на радиологијата низ државата, а тоа подразбира централизација на радиологијата – појасни министерот.
Тој тврди дека во земјава нема недостиг на лекот „амоксиклав“.
– Некој кажал дека нема, тоа можеби е индивидуално. Во регионалните земји го има, можеби тие имале некои резерви. Се слушнав со директорот на МАЛМЕД, во моментов не постои таков проблем. Снабдени сме со „амоксиклав“ и го има во моментов – изјави Меџити, одговарајќи на новинарски прашања.