Рекорден пад на снег за месец ноември, каков што немало од 1907 година, го снајде главниот град на Јужна Кореја. Сеул е затрупан во 40 сантиметри снег, а откажани се повеќе од 140 летови. Метеоролозите упатија предупредување за обилни снежни врнежи подоцна.
Едно лице го загуби животот, а две други се повредени на терен за голф, откако синоќа врз нив паднала мрежа врз која имало снег, а уште едно лице го загуби животот при уривање заштитен шатор на паркинг, јавуваат медиумите.
Најмалку уште две лица загинаа во сообраќајни несреќи на автопатите источно од главниот град, според извештаите.
Полицијата извести дека 11 лица се повредени синоќа во верижна несреќа во која учествувале 53 возила на автопат во централниот град Вонџу во провинцијата Гангвон.
Главниот аеродром во Сеул, Инчеон, беше најпогоден, а патниците се соочија со доцнење на летовите во просек од два часа. Севкупно, 14 отсто од летовите се одложени денеска, а 15 отсто се откажани, покажаа податоците од страницата за следење летови Flightradar24.
Надлежните објавија дека се откажани 142 лета, а до денеска не сообраќаат 99 фериботи на 76 линии, додека медиумите јавуваат дека доцнат и возовите. Училиштата во провинцијата Ѓионџи, која граничи со Сеул, добија дозвола да се затворат денеска доколку е потребно, соопштија провинциските власти.
Како што пишува „Гардијан“, невообичаено обилните снежни врнежи во ноември му се припишуваат на потоплото море отколку што е вообичаено западно од Корејскиот полуостров, во контакт со студени воздушни струи.
Во соседна Северна Кореја, во некои области вчера и завчера паднаа повеќе од 10 сантиметри снег, објави државната корејска централна телевизија.