Обожавателите на Тејлор Свифт буквално ја затресоа земјата на почетокот на нејзината турнеја во Велика Британија, предизвикувајќи сеизмичка активност да биде забележана на 6 километри од местото на концертот, соопшти во четвртокот Британскиот геолошки институт (БГС).
Американската поп ѕвезда ја започна својата турнеја „Ерас“ во Велика Британија со 3 концерти во шкотската престолнина Единбург, на кои од петокот до неделата присуствуваа над 200.000 обожаватели.
Секој концерт го соборуваше рекордот за најпосетен концерт на стадион во историјата на Шкотска, а БГС забележа земјотреси за време на концертите. БГС, исто така, откри дека „најзначајната сеизмичка активност на ноќта“ се случила за време на омилените песни на фановите Ready For It?, Cruel Summer и Champagne Problems.
Публиката за време на песната Ready For It? пренела приближно 80 киловати енергија, што одговара на приближно 6.000 автомобилски акумулатори.
Ова не е првпат Тејлор Свифт да ги натера своите обожаватели да ја „затресат земјата“ бидејќи нејзините концерти во Сиетл во САД во јули минатата година создадоа сеизмичка активност еквивалентна на земјотрес со јачина од 2,3 степени.
По Единбург, „свифтманија“ се упатува кон Ливерпул во северозападна Англија, после што следуваат настапи во Кардиф, во Велс и на лондонскиот стадион Вембли.
Според истражувањето на Баркли во мај, турнејата се очекува да ја поттикне економијата на Обединетото Кралство за речиси 1 милијарда фунти (1,3 милијарди долари). Се проценува дека речиси 1,2 милиони фанови ќе потрошат 848 фунти за билети, патувања, сместување и сувенири.
– Возбудливо е да се истражува сеизмичката активност предизвикана од дру вид на феномен. Очигледно, шкотската публика и понатаму е публика со најголем ентузијазам – рече сеизмологот на БГС, Калум Харисон.