Речиси половина од граѓаните на Западен Балкан сметаат дека постои реална можност за војна во регионот, покажува годишното истражување на јавното мислење за перцепцијата на безбедноста, на Советот за регионална соработка (РКК), SecuriMeter 2024 година.
Генералниот секретар на РКК, Мајлинда Брегу, на денешната презентација на извештајот пред новинарите во Тирана изјави дека загриженоста за потенцијалните конфликти е широко распространета кај граѓаните на земјите од Западен Балкан.
– Оваа вознемиреност е најизразена во Србија – 58%, во Босна и Херцеговина 51% и во Црна Гора 49% – изјави Брегу.
Според истражувањето, како што додаде таа, помалку од 40% од жителите на Западен Балкан сметаат дека регионот е безбеден за живот.
– Оваа грижа за регионалната безбедност најверојатно е последица на тековните прашања, вклучително и на тензиите меѓу Србија и Косово кои се пренесуваат во Албанија, како и етничкиот антагонизам во Босна и Херцеговина, кој исто така е во пораст во Србија – рече Брегу.
Спротивно на регионалната безбедност, истражувањето покажа дека граѓаните се чувствуваат побезбедно на ниво на нивните земји, како и на индивидуално ниво – 52% од испитаниците сметаат дека нивните земји се безбедни.
Брегу како нешто за особена загриженост го посочи фактот дека граѓаните на Западен Балкан немаат оптимизам за безбедносната состојба во иднина.
– Само 31% од испитаниците веруваат дека регионот ќе биде побезбедно место во следните 12 месеци – додаде таа.
Кога станува збор за миграцијата, таа изјави дека 21% од населението на Западен Балкан живее во странство, што е најизразено во Босна и Херцеговина (49%) и во Албанија (41%).
– Секој четврти жител на Западен Балкан размислува или веќе е во процес да ја напушти својата земја – рече таа.
Брегу додаде дека 83% од испитаниците ја навеле распространетата корупција како еден од најголемите проблеми, додека, пак, 77% се загрижени за високите цени на становите и за инфлацијата – највисок процент во Србија, 81%, а потоа во Албанија, 71% од испитаниците.
– Прифаќањето на реалноста, во контекст на овие податоци, секогаш е добра почетна точка во процесот на донесување одлуки. Но, многу често, прифаќањето на реалноста на Западен Балкан не е лесна задача – рече Брегу.
Годишното истражување на SecuriMeter се спроведува од 2021 година и дава увид во ставовите и искуствата на јавноста во однос на безбедноста, управувањето и довербата во регионот на Западен Балкан.