Животот пишува приказни, а некој треба да седне и внимателно да ги запише. Вака накусо може да се сумираат „Приказните на тивок оган“ на Светлана Камџијаш (Или-Или, 2019) кои се крчкаат пред читателот на стотина страници запознавајќи го со нови ликови и со нивните судбини и животни дилеми.
Наративниот тон на Камџијаш со симпатична наивност ги открива пред читателот најинтимните мисли, копнежи и стравови на ликовите, оние кои не се кажуваат никому освен на својот личен дневник. Само кога личноста ќе излезе од себе, од својата приказна, кога ќе го слушне својот глас како ја раскажува/пишува својата приказна, само тогаш ќе биде свесна дека е пред прагот на чистилиштето од каде патот води кон избор помеѓу вртлог и водопад. Тапкање во својата мака од каде не се гледа излезот или скок во непознати води. Изборот е на секој поединец или како што нѐ соочува писателката „… таа беше лош автор на својот живот. Полека расчистуваше (…) со својата нечесност кон себе. Самозалажување и залажување на сите околу.“
Ликовите на Камџијаш неуморно нѐ потсетуваат дека сите се соочуваме со исти дилеми, дека сите ги прележуваме истите „детски болести“ додека еден ден не сознаеме дека излезот од секој проблем прво е во искреноста, а потоа во храброста.
Деветте раскази на Камџијаш нѐ навраќаат кон урбаните почетоци на животот во Скопје, се испреплетени со митолошки и фантастични елементи и со инспиративни филозофски пораки. Тоа се раскази за созревањето, за животните лекции, за искреноста, за спомените, за детството и за младоста, за спонтаноста и за стихијноста на животот.
Сѐ се случува во прегратката на Небото и Земјата и „секоја приказна е всушност љубовна, иако тоа не може веднаш да се види“, а „Книжевноста си има поинаков бескрај. Во еден живот можеш да живееш многу животи и тоа со какви финеси!“, пишува Камџијаш додека го прегрнува животот кој тлее тивко, ама знае и да избувне и да се распламти и да изгори сѐ пред себе. Дури и меѓу кориците на една книга!