Изманипулирани се македонските православните верници во Италија кои се крстени или венчани од струмичкиот свештеник Боро Милчев, информираат од МПЦ-ОА.
Тие потсетуваат дека свештеникот бил расчинет уште во 2021 година, а дека во меѓувреме пред Македонците во Италија се претставувал дека е расчинет само од Струмичката епархија, но дека служи со „благослов“ на самиот архиепископ.
„Ги информираме излажаните верници да го контактираат единствениот канонски свештеник на МПЦ-ОА во Пјаченца, отец Климент Мишањ, или, пак, во епархиите на МПЦ-ОА во нашата татковина од каде што потекнуваат, да се крстат и венчаат во Православната Црква, оти не може во име на Црквата да прави ништо оној што отпаднал и е надвор од Црквата, како што е Боро Милчев. А, што се однесува до оние што свесно го креираат тоа расколничко дувло и го потпомагаат овој расколник, по соодветниот допис од Европската православна епархија на МПЦ-ОА, во нашата Црква ќе бидат третирани исто како и расчинетиот Боро Милчев, сѐ додека не се покајат и вратат во послушание кон МПЦ-ОА“, наведено е во соопштението.
МПЦ-ОА уште еднаш ја објави одлуката и решението за расчинување на Милчев потенцирајќи дека сѐ што направил тој во меѓувреме нема легитимност од Црквата, односно децата што ги крстел остануваат некрстени, а венчаните остануваат невенчани.
„Со оглед на тоа дека многу од верните чеда од нашата епархија живеат и работат во Р. Италија, во Пјаченца, и кои особено ова лето нѐ известуваа дека се изманипулирани од расчинетиот свештеник Боро Милчев, потребно е уште еднаш да ја кажеме вистината и да ги разобличиме лагите со коишто овој човек, за жал отпаднат од Црквата, го манипулира верниот народ. Една од најбесмислените манипулации со коишто се служи, е тоа дека тој е расчинет само од Струмичката Епархија, но дека служи со благослов на самиот Архиепископ. Бидејќи не е првпат од овој расчинет и отпаднат од Црквата човек да се злоупотребува името и авторитетот на поглаварот на МПЦ-ОА, на верниот народ му предочуваме како навистина стојат работите во однос на расчинетиот Боро Милчев, секако потврдено со официјални документи од МПЦ-ОА, кои ви ги предлагаме на увид под соопштението. Како што е познато, Епархискиот Црковен суд на 19.05.2021 година донесе одлука за негово расчинување, којашто на 23.09.2021 година беше потврдена и од Архиепископскиот црковен суд, и најпосле беше потврдена и потпишана и од Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан. Накратко кажано, што значи ова!? Значи дека сѐ што прави овој човек нема легитимност од Црквата, од Светиот Дух Господ, кој ја оживотворува и устројува Црквата. Кутрите деца што се ‘крстени’ од него остануват некрстени, венчаните остануваат невенчани, осветените домови се попрво осквернети отколку осветени, и тоа не само за МПЦ-ОА, туку и за сите останати помесни православни Цркви, несреќниот статус на овој човек е ист, бидејќи Црквата е една“, се вели во соопштението.