На 29 септември 2024 година, на патарините на наплатните рампи во Петровец, Сопот, Отовица и во Градско, се пропуштени 40 возила без да платат патарина, изјави Менде Илиевски од СДСМ денеска на прес-конференција.
– Околу 240 ненаплатени пропуштања низ патарините само во еден ден откако 40 возила биле пропуштени на широкопојасната лента со црвен семафор. Јасно се гледаат сите поминувања. Ова е целосно спротивно на Законот и претставува самоволие на кадрите на Коце Трајановски и на ВМРО-ДПМНЕ во Јавното претпријатие – рече Илиевски, кој покажа снимки од панорамските камери доставени од свиркачи до СДСМ.
Илиевски потсетува дека согласно член 66 од Законот за јавни патишта од патарина се ослободени само: возила со полициска придружба, возила означени на Армијата, полицијата, Царината, Брзата помош, противпожарните служби, возила на заболени од законски дефинирани болести и лица со телесни оштетувања од 80% со соодветни книшки. Никој друг не е ослободен од патарина.
– Има јасни законски ограничувања и никој надвор од овие законски прописи не може да ослободува возила да не платат патарина. Наредбата за овие 40 возила да бидат 240 пати пропуштени низ патарините без да платат ја издал раководителот на наплатна служба, Ванчо Милевски, кадар на ДПМНЕ. Врв на ова самоволие е пораката, испратена по апликацијата Вибер, до сите одговорни на гореспоменатите наплатни станици, во која децидно е наредено замислата на раководителот да се спроведе. Ова самоволие и прекршување на законот се случува во време кога се поднесени кривични пријави за 6 вработени во јавното претпријатие дека пропуштале возила на полицајци без да платат патарина. Прашањето сега е дали раководителот Ванчо Милевски ќе сноси одговорност? Дали Коце Трајановски ќе го разреши и дали МВР ќе му поднесе кривична пријава? Или за партиските кадри на ВМРО-ДПМНЕ не важат законите и можат да прават што сакаат? – праша Илиевски.
СДСМ побара одговорност од Ванчо Милевски за прекршувањето на законите.