Авионската несреќа во која загина поранешниот шеф на платеничката војска „Вагнер“, Евгениј Пригожин, можно е да се случила поради тоа што пијаните борци во авионот фрлале рачни гранати, изјави во четвртокот рускиот претседател Владимир Путин.
Говорејќи опкружен со олигарси на состанокот на клубот Валдаи во градот Сочи на Црното Море, Путин инсистираше на тоа дека „немало надворешно влијание“ врз авионот „Ембраер Легаси 600“, кој се урна додека летал меѓу Москва и Санкт Петербург на 23 август, пишува Политико.
– Шефот на Истражниот комитет пред некој ден ми извести дека во телата на загинатите во авионската несреќа биле пронајдени фрагменти од рачна граната – додаде рускиот претседател.
Путин обзнани и дека пет килограми кокаин биле пронајдени меѓу купиштата пари, оружје и лажни документи кога полицијата извршила рација во седиштето на групацијата „Вагнер“ во Санкт Петербург.
– За жал, не беа направени тестови за присуство на алкохол и дрога во крвта на жртвите. Според моето мислење, би било важно да се направи таа анализа – истакна Путин.
Телото на 62-годишниот Пригожин беше погребано на приватна церемонија помалку од една недела откако тој и неговите поручници загинаа во авионската несреќа. Инцидентот предизвика шпекулации за вмешаноста на Кремљ. Несреќата во која загина Пригожин се случи само два месеци откако Пригожин го покрена бунтот против Путин, иако самиот го откажа на неколку стотици километри од Москва.
Путин првично го опиша пучот како „предавство“, но, зборувајќи неколку дена по смртта на неговиот поранешен сојузник, го ублажи својот тон.
– Тој беше човек со сложена судбина. (Понекогаш) правеше грешки и (понекогаш) ги добиваше резултатите што ги сакаше, за себе и како одговор на моите барања, за заедничка кауза – рече рускиот претседател.