Рускиот претседател Владимир Путин рече дека руските сили во чевртокот во градот Дњепропетровск искористиле хиперсонична балистичка ракета без нуклеарно оружје. Тој рече дека успешно била погодена фабриката „Јужмаш“, еден од најголемите индустриски комплекси од советската ера.
Путин се закани дека во случај на ескалација на војната во Украина, Русија ќе одговори одлучно, јавува агенцијата РИА.
– Во борбени услови, беше извршен тест на еден од најновите руски ракетни системи со среден дострел. Во овој случај, тестот беше извршен со ненуклеарна хиперсонична верзија на балистичка ракета – вели тој.
Тој обзнани дека успешно била тестирана најновата ракета со среден дострел „Орешник“ и рече дека современите системи за противвоздушна одбрана не можат да ги пресретнат овие ракети, бидејќи тие напаѓаат цели со брзина од 10 маха, односно 2,5-3 километри во секунда.
Рускиот лидер ги коментираше украинските напади со западни ракети со долг дострел. Тој информираше дека Украиците на 19 ноември истрелале шест американски ракети АТАКМС во регионот Брјанск, а на 21 ноември ги употребиле британските „Сторм Шедоу“ во Курск.
Путин изјави дека Вашингтон го турка светот кон глобален конфликт. Тој рече дека САД го урнисале меѓународниот безбедносен систем уште со излегувањето од Договорот за нуклеарни сили со среден дострел во 2019 година.
Според него, конфликтот во Украина добил елементи од глобален карактер по овие напади.
Во исто време, тој истакна дека Москва е секогаш подготвена да ги решава контроверзните прашања по мирни средства.