Рускиот претседател Владимир Путин на денешната седница на Националниот совет за безбедност, која ја свика поради кризата во Украина, истакна дека е неопходно да се разгледа апелот на лидерите на двата сепаратистички региони во источна Украина, кои бараат Москва да ги признае како независни.
Евентуалното признавање на независноста на Луганск и Доњецк, според американските медиуми, би бил потег што ќе ги засили тензиите со Западот поради стравувањата дека Кремљ би можел веднаш да почне окупација на Украина.
Водачите на сепаратистичките региони денеска објавија телевизиски изјави во кои апелираат Путин да ги признае како независни држави и да потпише договори за пријателство кои предвидуваат воена помош за да ги заштитат од, како што ја опишаа, тековната украинска воена офанзива. Долниот дом на рускиот парламент изнесе слично барање минатата недела.
– Денеска се собравме да разговараме за ситуацијата што се развива денес во Донбас – рече Путин на почетокот на седницата на Советот за безбедност, јави ТАСС.
Путин рече дека одлуката за Донбас ќе биде донесена врз основа на процените за развојот на ситуацијата.
– На крајот, ние мора да одлучиме што ќе правиме следно (во Донбас) и како треба да дејствуваме, врз основа на актуелната ситуација и врз основа на нашите процени за нејзиниот развој – рече тој.
Според Путин, приоритет на Русија не е конфронтација, туку обезбедување на сопствената безбедност.
Тој истакна дека употребата на Украина како инструмент за конфронтација со Русија „се разбира, е сериозна, многу голема закана за нас“.
– Затоа во последните месеци, на крајот на минатата година, ја интензивиравме соработката со нашите главни партнери во Вашингтон и НАТО со цел конечно да се договориме за овие безбедносни мерки и да обезбедиме мирен, просперитетен развој на земјата во мирни услови – рече Путин.
Според него, државниот удар во Украина во 2014 година бил вооружен и крвав.
– По државниот удар во Украина во 2014 година, дел од населението на оваа земја не го прифати овој удар. Дозволете ми да ве потсетам дека тој беше неуставен и крвав, бидејќи за време на овие настани загинаа многу невини луѓе – вели рускиот претседател.
Путин смета дека украинските власти не ги спроведуваат договорите од Минск.
– Во текот на преговарачкиот процес се појави план за мировно решение, кој се нарекува Минск пакет мерки, бидејќи, како што се сеќавате, се сретнавме во градот Минск. Но, целиот тек на последователните настани покажува дека денешните власти во Киев нема да го исполнат договорот. Згора на тоа, тие веќе многупати јавно го кажаа тоа на највисоко државно ниво, и на ниво на министер за надворешни работи, на ниво на секретар на Советот за безбедност – додаде рускиот лидер.
Тој изјави дека Руската Федерација направила сè за мирно да се решат противречностите меѓу Киев и Донбас.
– Од тој момент (од формирањето на т.н. Донечка Народна Република и т.н. Луганска Народна Република кои не се признаени од ниту една членка на ОН) започна конфронтацијата меѓу властите во Киев и луѓето што живеат на оваа територија. Би сакал да го свртам вниманието на фактот дека Русија првично направи сè за да ги реши сите противречности со мирни средства, по мирен пат – рече Путин.
Според него, Киев веќе извршил две операции против Донбас, а „актуелната изгледа како почеток на третата“.
– Властите во Киев двапати извршија воени казнени операции на овие територии (во Донбас) и, очигледно, по трет пат сме сведоци на влошување на ситуацијата – рече шефот на руската држава.
Седницата на Националниот совет за безбедност се одржува во време на зголемени престрелки во источна Украина, за кои западните сили веруваат дека Русија би можела да ги искористи како изговор за напад.
Путин во телевизиската изјава оцени дека заканата за Русија значително ќе се зголеми доколку Украина се приклучи на НАТО.
Седницата сè уште е во тек.