Рускиот претседател, Владимир Путин ,го повика сограѓаните да се обединат во новата година, во која исцрпувачката војна против Украина најверојатно ќе влезе во својата четврта година, порачувајќи им дека претстојат успеси, објави Ројтерс.
– Сега, на прагот на новата година, размислуваме за иднината, уверени сме дека сѐ ќе биде во ред – рече рускиот претседател.
Во три и пол минутното телевизиско обраќање со Кремљ во заднината, Путин истакна дека Русија во годината, што завршува, успеала да одговори на најтешките предизвици. Според него, претстојат уште многу работи кои треба да се решат, но дека Русите треба да бидат горди со она што веќе е направено.
Путин, исто така, им се обрати на војниците во прв ред на украинскиот фронт, истакнувајќи дека сега со нив се мислите и надежите на новите семејства и пријатели, на „милиони луѓе ширум земјата“.
– Вие, кои го преземавте овој голем товар, сте вистински јунаци, со чија храброст и смелост се гордее цела Русија – изјави тој.
Рускиот претседател притоа потсети дека следната година ќе се прослави 80-годишнината од победата во Втората светска војна над нацизмот, што во Русија се нарекува Голема татковинска војна. Додаде дека во 2025 година во Русија е прогласена Година на бранителите на татковината.
– Ние, децата, внуците и правнуците на генерацијата којашто го сотре нацизмот, верни сме на заветите и на традициите на нашите ветерани – истакна Путин.
Путин, исто така, нагласи дека Русија минала низ многу големи настани во првата четвртина од 21 век благодарение на единството на нејзиниот народ.
– Земјата си постави пред себе големи цели и ги оствари – рече рускиот претседател, додавајќи дека Русите повеќепати во историјата ги надминувале предизвиците затоа што биле обединети.
– Така се зацврстуваше нашето единство, нашата верба во себеси, во сопствените сили и способности. Останува многу малку до настапувањето на новата година, до нас се најблиските: нашето семејство, децата, родителите, внуците, нашите пријатели и нашите воени другари. Му посакувам благосостојба и напредок на секој наш дом, на секое наше семејство и на нашата сакана земја – Русија. Кога сме заедно, сѐ се остварува – истакна Путин.
Новогодишното обраќање на Путин традиционално се емитува во сите региони и 11 временски зони на Русија пред полноќ по локално време, како што постепено влегуваат во кон 2025 година, почнувајќи од Камчатка на Далечниот исток, каде што веќе го видоа тамошните жители.
Минатата година Путин традиционално се обрати со снимка од Кремљ. Во 2022 година, новогодишните честитки беа снимени во седиштето на Јужниот воен округ во Ростов-на-Дон, на границата со Украина. Тогаш шефот на државата зборуваше опкружен со учесници во Специјалната воена операција, како што Москва официјално ја нарекува инвазијата во соседната земја.