Шефот на Главната разузнавачка управа на Министерството за одбрана на Украина, Кирил Буданов, изјави дека е убеден оти рускиот претседател Владимир Путин има двојници кои се појавуваат на негово место на одредени јавни настани. Оваа теорија на заговор брзо почна да се шири по интернетот. Буданов за украинските медиуми изјави дека разузнавачките агенции проценуваат дека Владимир Путин има најмалку три двоjници, пренесува Мондо, а дека можат да се разликуваат по нивните манири.
– Имаме специјалисти за такви работи. Јас лично не сум експерт за Путин, но мислам дека има точно три двојници кои веднаш можам да ги препознаам. Веројатно ги има повеќе – вели Буданов.
– Тие имаат различни навики, различно одат и не се сите со иста висина – вели тој.
Буданов во јули изјави дека двојник можеби бил искористен при пристигнување на Путин на самитот во Техеран. Украинските извори забележале дека тој се движел невообичаено брзо
и бил повнимателен отколку во претходните јавни настапи.
– Само ќе навестам. Погледнете го моментот кога Путин излегува од авионот. Дали е тоа воопшто Путин? – прашува разузнавачот.
Кирил Буданов сепак има и успеси во своите предвидувања. На пример, тој упатуваше на фактот дека Русија ќе ја нападне Украина уште додека минатата година Путин ги одржуваше воените вежи „Запад 21“ во Белорусија. Во тоа време, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, ги отфрли тврдењата на Буданов како хистерија.
Како шеф на Украинската одбранбена разузнавачка агенција, ГУР, Буданов е дел од новата генерација украински одбранбени функционери кои се угледуваат на офицерите на НАТО, а не на нивните советски претходници. Назначувањето на Буданов во 2020 година од страна на претседателот Володимир Зеленски беше критикувано. Се тврдеше дека е премногу млад. Тој има 36 години.
Откако дојде на функцијата, Буданов почна да гради врски со разузнавачките агенции од САД па сѐ до Турција и се фокусираше на создавање украинска разузнавачка служба која ќе биде помалку хиерархиска и повеќе хоризонтално интегрирана. Шефот на американската Агенција за национална безбедност неодамна изјави дека од почетокот на војната размената на разузнавачки информации со Украина била „револуционерна“.