Рускиот претседател Владимир Путин му рекол на германскиот канцелар Олаф Шолц во телефонски разговор дека германскиот и западниот пристап кон војната во Украина е „деструктивен“ и го повикал Берлин да се преиспита, објави Кремљ.
Русија и западните влади се во дијаметрално спротивни позиции по прашањето за Украина, иако и Москва и Вашингтон во изминатите 24 часа најавија дека во принцип се отворени за преговори.
– Го свртевме вниманието на деструктивниот однос на западните земји, вклучително и Германија, кои пумпаат оружје во режимот во Киев и ја обучуваат украинската армија. Сето ова, како и сеопфатната политичка и финансиска поддршка за Украина, доведува до тоа Киев целосно да ја отфрли идејата за какви било преговори – соопшти Кремљ по телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери.
Портпаролот на Шолц објави дека германскиот канцелар го повикал Путин што поскоро да најде дипломатско решение за украинскиот конфликт, „вклучувајќи и повлекување на руската армија“.
– Канцеларот ги осуди руските воздушни напади врз цивилната инфраструктура во Украина и ја нагласи решеноста на Германија да ѝ помогне на Украина да ги обезбеди своите одбранбени капацитети против руската агресија – рече портпаролот.
Киев вели дека мировните преговори се можни само доколку Русија престане да ја напаѓа украинската територија и ја повлече својата војска од украинска територија.
Откако Путин објави анексија на украинска територија во септември, претседателот Володимир Зеленски рече дека преговорите нема да бидат можни сѐ додека Путин остане на власт, иако Украина не ги повторува тие услови во последните недели. Путин „ги повика Германците да го преиспитаат својот пристап во контекст на настаните во Украина“, се вели во соопштението на Кремљ.
Се додава дека Путин ги бранел руските ракетни напади врз цели во Украина како принуден одговор на украинските напади врз руската инфраструктура, вклучително и клучниот мост меѓу Русија и Крим. Претходно Кремљ соопшти дека Путин е отворен за разговори за можното решение во Украина, но одбивањето на Соединетите Држави да ги признаат анектираните територии како руски ја кочи потрагата по потенцијален компромис.
Американскиот претседател Џо Бајден вчера рече дека е подготвен да разговара со Путин доколку лидерот на Кремљ бара начин да стави крај на војната, но дека Путин сè уште не го посочил тоа. „Претседателот на Руската Федерација отсекогаш бил, е и останува отворен за преговори за обезбедување на нашите интереси“, изјави портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков за новинарите на прашањето за изјавите на Бајден.
– Најпосакуваниот начин да ги постигнеме нашите интереси е преку мирни, дипломатски средства. Путин беше, е и останува отворен за контакти и преговори – рече Песков.
Путин рече дека не жали што започнала, како што ја нарекува, руската „специјална воена операција“ против Украина и дека војната ја гледа како пресвртница кога Русија конечно се спротивстави на арогантната западна хегемонија по децении понижување во годините по падот на Советскиот Сојуз во 1991 година.
Украина и Западот велат дека Путин нема оправдување за, како што ја нарекуваат, окупациска војна во империјален стил. Украина вели дека ќе се бори сѐ додека последниот руски војник не биде протеран од нејзина територија.