Рускиот претседател Владимир Путин во четвртокот го разреши Анатолиј Антонов од функцијата руски амбасадор во Соединетите Американски Држави (САД), според декретот објавен на владиниот портал.
Во указот не е прецизирано кој ќе го наследи Антонов на таа функција.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, во понеделникот изјави дека враќањето на Антонов не значи пад на нивото на дипломатските односи меѓу Русија и САД.
Руската амбасада во САД во саботата објави дека Антонов го завршил мандатот и се вратил во Москва.
Антонов (69) е руски амбасадор во САД од 2017 година. Дипломирал на Московскиот државен институт за меѓународни односи во 1978 година.
Од 2004 до 2011 година раководел со Секторот за безбедност и разоружување на Министерството за надворешни работи. Тој беше и заменик министер за одбрана од 2011 до 2016 година, пред да биде именуван за заменик министер за надворешни работи во декември 2016 година.