Парадата по повод 78-годишнината од победата во Втората светска војна се одржува во сенка на инцидентите на руска територија, за кои руските власти ја обвинуваат Украина и нејзините сојузници. Затоа се откажани маршот „Бесмртен полк“ и многу други свечености.
Рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу му го предаде извештајот на рускиот претседател Владимир Путин, кој потоа се обрати на церемонијата.
Воената парада започна со носење на почесната гарда на Црвениот плоштад, придружена со песната „Света војна“, државното знаме на Руската Федерација и знамето на победата – борбеното знаме на 150-та пешадиска дивизија Идрит.
Парадата традиционално ја командува врховниот командант на копнената армија, генерал-полковник Олег Саљуков, а домаќин на парадата е Шојгу.
Саљуков и Шојгу се возеа пред војниците со кабриолети од руско производство „Аурус“. Шојугу на војниците им го честита Денот на победата, на што тие одговараат со традиционалното „ура“.
На почетокот на парадата, рускиот лидер одржа говор. Во обраќањето пред насобраните на Црвениот плоштад, претседателот Путин рече дека „против нашата татковина се води вистинска војна“.
– Денес цивилизацијата повторно е на пресврт, започна вистинска војна против нашата татковина, но ние ќе ја обезбедиме нашата безбедност – рече Путин.
Тој додаде дека Русија се залага за мирна и стабилна иднина.
– Секакви идеологии за супериорност се недозволиви – рече Путин.
– Западните елити зборуваат за својата ексклузивност, си играат со луѓето и предизвикуваат крвави конфликти, сеат русофобија и агресивен национализам – изјави првиот човек на Русија.
Како што истакна, „Западот заборави кој го победи монструозното глобално зло“.
Според Путин, „Украинците станаа заложници на криминалниот режим, преговарачки инструмент во нивните сурови и платенички планови“.
Тој го обвини Западот дека предизвикува конфликти и револуции, уништувајќи ги вредностите.
– Ние одиме по стапките на нашите претходници. Горди сме на нашите војници, оние кои се борат на линијата на фронтот – рече тој и додаде дека од нив зависи иднината на земјата и на народот.
Како што пренесуваат руските медиуми, на парадата учествуваа повеќе од 10.000 луѓе и 125 парчиња оружје и воена опрема. Според информациите на организацискиот одбор на „Спасскаја кула“, музичка придружба ќе имаат повеќе од 40 воени оркестри.
Лидерите на земјите од Комонвелтот на независни држави (ЗНД) му се придружија на рускиот претседател за да ја следат парадата од трибините на Црвениот плоштад.
Претседателите на Комонвелтот на независни држави потоа заедно ќе положат цвеќе, по што ќе следи „неформален појадок“, најави Песков во програмата „Москва. Кремљ. Путин“.
За време на СССР, Парадата на победата се одржуваше само на јубилејни годишнини, а од 1995 година се одржува секоја година.
Парадата на армијата и оружјето е секогаш на Денот на победата – 9 мај, освен во 1945 година, кога се одржа на 24 јуни, и во 2020 година, кога парадата беше поместена од 9 мај на 24 јуни поради пандемијата на корона вирусот.