Шест лица загинаа, меѓу кои двајца млади полицајци, во пукотница во австралискиот град Виамбили во државата Квинсленд, соопшти во вторникот полицијата.Престрелката се случила во понеделникот во попладневните часови.
„Штом полицајците пристигнаа на имотот, ги пречекаа пукотници и немаа никакви шанси. Двајца полицајци беа ладнокрвно егзекутирани“, изјави претседателот на локалниот полициски синдикат, Иан Ливерс.
Едниот полицаец имал 26, а другиот 29 години. Покрај нив, убиен е и 58-годишен сосед, а по доаѓањето на полициското засилување, околу 22:30 часот по локално време биле убиени тројца осомничени, двајца мажи и една жена. Нивниот идентитет не е објавен, но според дневниот весник The Australian, станува збор за локален учител, неговиот брат и сопругата на неговиот брат, сопственици на имотот каде што се случила трагедијата.
Австралискиот премиер Ентони Албанес го опиша настанот во Виамбила како „страшен“. „Денес ни се скршени срцата за семејствата и пријателите на полицајците во Квинсленд кои ги загубија животите за време на својата должност“, додаде Албанес.