Новак Ѓоковиќ по трет пат на Грен слемовите го совлада Шпаецот Роберто Карбаљес Баена без загубен сет (6-4 6-1 6-2) и обезбеди пласман во 3 коло на Ролан Гарос каде ривал ќе му биде Италијанецот Лоренцо Музети, кој го совлада Гаел Монфис со 3-0.
Но најдобриот светски тенисер на крајот од првиот сет повторно влезе во конфликт со еден навивач од публиката кој гласно го поддржуваше Баена. Ѓоковиќ ги загуби нервите и побара од судијата да реагира, а публиката почна да го исвиркува Србинот.
На крајот, Ѓоковиќ сепак направи потег за кој доби аплауз од париската публика.
На прес-конференцијата по мечот, Ѓоковиќ ја појасни ситуацијата.
„Еден навивач во првиот ред извика неколку зборови за време на размената на мрежата, кога Карбаљес одигра дроп шут. Тоа се случи неколку пати од почетокот на мечот, тој му даваше поддршка на противникот – што е во ред – но почувствував дека судијата требаше да реагира за попречување. Судијата рече дека во таква ситуација не може ништо да досуди и тоа беше тоа – рече Ѓоковиќ.
Тој пред новинарите уште еднаш го сподели своето искуство со публиката на парискиот грен-слем.
– Навивачите овде се многу страстни. Имав овде и „љубовна врска“ со публиката, но понекогаш не е лесно, имаше тешки сезони во нашата врска. Ги искусив двете страни. Сакам секогаш да имам поддршка или барем да бидам неутрален, но тоа не е секогаш можно. Кога играте со Французин овде, треба особено да бидете свесни дека одите во голема битка, и тоа не само со противникот. Тоа е нормално, на некој начин, бидејќи навивачите ги поддржуваат своите. Уште полошо е на помали терени. Се разликуваме од фудбалот, кошарката и слично, но сакаме и атмосфера, навивање и сакам да го видам тоа. Сепак, постои тенка линија меѓу крајностите и не смееме да дозволиме да нема почит кон играчот – вели српскиот тенисер.