Србија и Република Српска градат заеднички гасовод Пале – Јахорина на кој ќе бидат приклучени 6 општини и 2 скијачки центри.
Директорот на компанијата „Сараевогас“ од источно Сараево Недељко Елек изјави дека хотелите и домаќинствата во Јахорина треба да добијат гас на крајот на годината, како и дека Република Српска и Србија забрзано ја започнуваат изградбата на магистралниот гасовод од Белград до Бања Лука.
Елек посочи дека се работи за проект поврзан со втората фаза од гасификацијата на истокот на Република Српска.
– Ќе опфати шест општини и два скијачки центри, односно Јахорина и Игришта. Месни заедници на кои се однесува овој проект се Пале, Трново, кракот кон Сокол и Хан Пијешак, Милиќи, Шековиќи и Власеница – рече Елек, прене РТРС.
Тој потсети дека првата фаза од гасификацијата на источниот дел на Република Српска е завршена со поврзувањето со топланата во источно Сараево и нагласи дека се создаваат услови за втората фаза од овој проект, кој вреди 15 милиони конвертибилни марки.
– Ова е клучен проект бидејќи преку тој дистрибутивен цевковод ќе ја поврземе општина Пале со олимпискиот центар „Јахорина“. Ќе ја зголемиме потрошувачката на гас, што ни е многу важно поради нашите односи со Руската Федерација. Ова, практично, по 30 години првпат копаме и поставуваме цевки и ја прошируваме нашата примарна и секундарна мрежа – нагласи Елек.
Се очекува до 31 декември да се пушти гас во Јахорина, односно да ги снабдува со гас сите хотели и индивидуални потрошувачи.
На Сесрпското собрание во Белград одржано неодамна беше донесена одлука „Србијагас“ да го финансира магистралниот гасовод до Бања Лука.