Првите астронаути, во рамките на програмата „Артемис 3“ на НАСА, ќе слетаат на Месечината во 2026 година и ќе извршат 3 научни експерименти ако сѐ оди според планот, известува Телеграф.
Меѓу трите експерименти е и експериментот „LEAF“ (лунарни ефекти на агрикултурната флора) чијашто цел е проучување на вселенските растенија во егзотичната лунарна средина.
– „LEAF“ ќе биде првиот експеримент за набљудување на фотосинтезата, растот и на системските одговори на стресот од вселенското зрачење и од делумната гравитација. Податоците за развојот на растенијата, заедно со параметрите за заштита на околината, ќе им помогнат на научниците да ја разберат нивната употреба на Месечината за да се прехранат луѓето и да се поддржи животот на Месечината и подалеку – велат од НАСА.
Останатите два експеримента се „LEMS“ (Станица за мониторирање на лунарната средина) и „LDA“ (Лунарен диелектричен анализатор).
„LEMS“ е пакет од автономни сеизмометри кои ќе детектираат потреси на Месечината во период од 2 години по пристигнувањето на лунарната површина. „LDA“ ќе ја мери способноста на лунарниот реголит, горниот слој од прашина и иситнети камења, за ширење на електрично поле.
Нема гаранција дека ќе бидат завршени сите три експерименти на Месечината, но засега плановите се такви.
„Артемис 3“ ќе биде првата мисија со екипаж на Месечината од „Аполо 17“ во декември 1972 година.