Против мароканскиот фудбалер и член на Пари Сен Жермен Ахраф Хакими (24) е покрената официјална истрага поради наводи за силување, соопшти во петокот обвинителството во Нантер.
Репрезентативецот на ПСЖ и Мароко беше сослушан во четвртокот, а потоа ставен под судски надзор и против него започна официјална истрага. Тој е обвинет дека силувал жена минатата сабота во неговиот дом во Булоњ-Биланкур, во западното предградие на Париз.
Во неделата, младата жена отишла во полициската станица во Вал-де-Марн, каде што рекла дека била силувана, но во тоа време не поднела обвинение.
Според полициски извор, таа тогаш изјавила дека го запознала Ахраф Хакими во јануари на социјалната мрежа Инстаграм и дека во саботата отишла во неговиот дом со автомобил нарачан од играчот.
Таа на лице место изјавила дека Ахраф Хакими ја бакнувал и допирал без нејзина согласност, пред да ја силува, додал полицискиот извор.
На Хакими му било забрането да има контакт со младата жена, но му било дозволено да ја напушти француската територија, соопшти обвинителството.
Адвокатот на фудбалерот, Фани Колин, во вторникот за „Ле Паризиен“ изјави дека обвинувањата се „лажни“ и дека Хакими е „мирен“ и „и стои на располагање на правдата“.