Француската полиција синоќа приведе 217 лица за време на протестите во Париз против контроверзната пензиска реформа што беше протуркана во Парламентот без конечно гласање во Долниот дом, објавија локалните медиуми.
Телевизијата Франс Инфо, цитирајќи полициски извори, соопшти дека 217 лица се уапсени при нередите на Плас де ла Конкорд во центарот на Париз, во близина на местото за состаноци на Долниот дом на парламентот.
Според медиумите, полицијата употребила водени топови и солзавец. Демонстрантите, меѓу другото, запалија дрвени палети и фрлаа предмети кон полицајците. Во време на избувнувањето на конфликтот, на плоштадот имаше околу 6.000 противници на пензиската реформа.
Вчера попладне, француската влада во последен момент одлучи да ја спроведе најважната реформа на претседателот Емануел Макрон, која предвидува постепено зголемување на старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години. Во процедурата владата го заобиколи Долниот дом на парламентот, Националното собрание, каде резултатот од гласањето беше неизвесен.
Постои посебен член во францускиот устав кој и дозволува на владата да го прави тоа. Реформата може да се поништи со гласање недоверба на Владата.
Протести избија и во други француски градови, а синдикатите повикаа на нов национален ден на штрајкови и протести кои ќе се одржат следниот четврток. Милиони луѓе веќе излегоа на улиците против предложената реформа.