More

    Пропадна мерката за субвенционирање придонеси при покачување

    spot_img

    Законот за ослободување од плаќање на дел од придонесите од задолжително социјално осигурување поради зголемување на плата веќе 5 месеци е заглавен во собраниските кулоари бидејќи власта и опозицијата не можат да се договорат дали треба да важи за 3 или за сите сектори. Владата предложи законот да важи за 3 трудоинтензивни сектори – градежништво, текстил и угостителство, во кои вработените земаат ниски плати, а одливот на кадар секојдневно се зголемуваа. Опозицијата, пак, тврди дека текстот на законот е дискриминаторски и може да падне на Уставен суд при секоја иницијатива. Тие бараат ослободувањето од дел од придонесите да важи за сите сектори, односно за сите работодавачи кои сакаат да ги зголемат платите на своите вработени.

    Бизнисмените и работниците се сметаат измамени бидејќи сега зголемувањето на платите ќе го реализираат само според постоечките планови каде што процентот ќе биде понизок од оној кој би се постигнал со помошта од државата.

    Претседателот на собраниската комисија за финансирање и буџет Бојан Стојановски вели дека проблемот е решлив и законот може да помине брзо во Собранието, но за тоа е потребно Владата да го прифати амандманот на ВМРО-ДПМНЕ.

    – Доколку владата го прифати амандманот на ВМРО-ДПМНЕ со кој законот за субвенционирањето на зголемувањето на платите од 3.000 до 9.000 денари во приватниот сектор ќе важи за сите сектори, па и за медиумите, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ се подготвени да гласат за него – вели Стојановски.

    Тој се сомнева дека, ако се изгласа сегашниот текст на законот само со три сектори, тогаш може да падне на Уставен суд и нема да им помогне на бизнисите.

    Од владата тврдат дека опозицијата намерно ја блокира оваа антикризна мерка, која е дел од деветтиот антикризен пакет.

    – За жал тоа е во низата, затоа што требаше да се закаже Комисија за финансирање и буџет, преку која, според нашите процени, преку 150.000 наши сограѓани ќе добиваа повисоки плати од 3.000 до 9.000 денари месечно нето. Дотолку повеќе што ветивме дека работодавачите ќе бидат ослободени од придонесите во тој дел во наредните 12 месеци – изјави деновиве вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

    Владата ја најави мерката во ноември лани, но законот со кој треба да се спроведе заглави во собраниската Комисија за финансирање и буџет кај амандманската расправа.

    Според најавата, мерката можат да ја користат вработени кои примиле плата во висина до 1,5 просечни плати во последните 3 месеци. Најавено беше дека мерката ќе важи за период од една година со почеток од јануари 2024 година.

    Бизнисмените се со став дека со овој закон ќе им се помогнеше да ги зголемат платите повеќе од планираното, но сега веќе се со став дека ова е само уште еден блеф на политичарите. И ним не им е јасно зошто се издвојуваат 3 сектори кога и самиот закон има ограничување кај плати кои ќе можат да се субвенционираат со што се ограничува богатите компании да не користат субвенции за дел од придонесите на зголемените плати.

    – Во самиот закон веќе има ограничување односно се субвенционира зголемувањето на платите до ниво на државниот просек. Тоа е доволна брана да не се субвенционираат платите на богатите компании (банки, ИТ компании…), а се изземаат и зголемувањата на повисоките плати во компаниите и затоа не е проблем законот за важи за сите сектори. Ако се сака да се допрецизира ограничувањето може да се стави во законот дека просекот на плата во компанијата треба да биде понизок од државниот просек на нето-плата, а опфатот на секторите да не се ограничува. Но, вака со одовлекување на донесувањето на законот и со слабостите во неговиот текст испадна дека е игра на политичарите кои најавија мерка, се пофалија со субвенцијата, па сега прават се за да не се спроведе – вели Ангел Димитров од Организацијата на работодавачи.

    Според него, реализирањето на мерката би помогнало голем број на работници да добијат повисоко зголемување на плата од она што ќе го добијат сега.

    – Донесувањето на мерката би било поттик работодавачите да влезат похрабро во зголемувањето на платите. Па така, ако без оваа мерка планирале да ги зголемат платите за 1.000 денари, со мерката би ги зголемиле за најмалку 3.000 денари. Тоа би било помош за компаниите, но и погодност за работниците. Но испадна дека ова е уште еден блеф на политичарите – вели Димитров.

    За него се спорно што во предлогот на закон се наведува дека неговото донесување нема да предизвика последици по Буџетот на државата.

    – Секако, спроведувањето на мерката, има реперкусии врз буџетот бидејќи предвидува помош од државата односно покривање на дел од придонесите на зголемените плати. Спротивното би значело дека владата не планирала да ги уплати овие пари во фондовите, што пак ќе се одрази на финансиската состојба на пензискиот и здравствениот фонд – вели Димитров.

    Синдикатите официјално немаат став за оваа владина мерка, но се со став дека е потребна темелна анализа за тоа кои компании треба да се помогнат преку мерката.

    Од синдикатот за градежништво велат дека компаниите со високи профити не треба да се дозволи да цицаат пари од државата како тоа што го прават од работниците. Според овој синдикат длабинска анализа на работењето на компаниите би покажала кои компании не сакаат да ги зголемуваат платите на работниците од сопствените приходи и чекаат да им помага државата.

    – Во основа законот е дискриминаторски и сметаме дека не треба да има дискриминација на секторите, но треба да знаеме дека и во овие трудоинтензивни сектори кои државата сака да ги помогне, има многу профит, а работниците имаат ниски плати. Затоа сметаме дека ако е криза, криза е за сите и сите што реално имаат потреба треба да се помогнат, а не да се помагаат и богатите компании кои трупаат профити на грбот на работниците. Таквите компании треба да се натераат самите да им ги зголемат платите на работниците, а не да цицаат од државата, а профитот да го трупаат во џебовите на сопствениците кои возат луди коли пред очите на работниците на кои не им исплаќаат дури и плата. Но има и такви компании кои не можат, а сакаат да ги зголемат платите на вработените. Такви во секторот се мали компании кои се во процес на развивање на бизнисот. Тие би требало да се помогнат – вели Иван Пешевски, претседател на синдикатот за градежништво.

    И додека трае расправата како да се излезе од лавиринтот и да се изгласа законот, се поставува нова бариера, а тоа е започнатиот изборен процес и дали субвенцијата на придонесите од страна на државата би значела поткуп на работниците да гласаат за одредена опција.

    Стојановски вели дека негово лично убедување е дека не би пречел на изборниот процес бидејќи се однесува на вработени во приватниот сектор.

    – За тоа секако мислење ќе дадат повиканите институции, Државната комисија за спречување на корупцијата и правобранителството, но мое лично мислење е дека нема проблем тој да се реализира и во екот на избори, бидејќи се однесува на платите на вработените во приватниот сектор – вели Стојановски.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img