На 15 ноември (среда), во Културно-информативниот центар, со почеток од 19:19, часот ќе биде промовирана новата книга од Ферид Мухиќ, „Бигор шарпланинецот”.
– Овој роман во раскази, во издание на Издавачки центар ТРИ, е извонредна ода за пријателството, за нераскинливата поврзаност меѓу човекот и песот преку која се срочува филозофијата за меѓучовечките односи, за пријателството и воопшто за сеопштата поврзаност во природата – велат издавачите на делото.
Ферид Мухиќ и неговата промоторка Виолета Танчева-Златева ќе ги воведат идните читатели во содржината на книгата, а ќе биде овозможена и дискусија со авторот.
– Оваа трогателна сага е неверојатен прирачник за живеењето, навраќање кон вистинските вредности на животот. Мухиќ целосно маѓепсува со своите зборови, носејќи нè до едно друго ниво во нивната длабочина – вели д-р Ана Димишковска, професорка на Филозофскиот факултет во Скопје.
Ферид Мухиќ, филозоф и поет, научник и учител, има впечатлив опус со 52 објавени книги. „Бигор шарпланинецот – приказни за пријателството и храброста” ја надополнува не само авторовата био-библиографија туку и македонската книжевна ризница, велат издавачите.