Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и Матица македонска, утре во 12 часот во мултимедијалниот културен центар Матица ексклузив во Скопје, ќе ја промовираат колекцијата од дваесет и два романа од академик Божин Павловски.
Со овој издавачки потфат се одбележуваат два јубилеи на авторот: 80 години од раѓањето и 60 години плодно творештво.
Романите на овој познат македонски писател се преведени на англиски, француски, грчки, албански, италијански, руски, турски, полски, чешки, словачки, шведски, словенечки, бугарски, српски и др.
За богатиот опус на Павловски и за неговата повеќедецениска општествена и културна мисија ќе говорат академик Љупчо Коцарев, претседателот на МАНУ, и Гоце Смилевски, наш врвен романсиер и есеист.
Академик Павловски е добитник на меѓународните признанија: Интербалканска награда за книжевност во Грција, Интернационална награда „Екселзиор“ за унапредување на европската проза во Романија, Меѓународната награда „Арка“ во Србија, како и двете признанија од времето на Југословенските Федерацијата: наградата „Железара Сисак“ во Хрватска и наградата „Младост“ во Србија.
Добитник е на националните награди: Рациновото признание, „Стале Попов“, „Кочо Рацин“ и „Духовен воин“.
Во 2008 година му беше доделена највисоката државна награда „11 Октомври“ за животно дело во уметноста.
За неговото творештвото се објавени бројни есеи во повеќе земји, како и пет книги со критички-есеистички толкувања.
Во исто време со овој издавачки потфат на МАНУ и Матица, Грифин Прес во Австралија на англиски јазик, во редакција на Бредли Досон, ги објави романите на Павловски во печатена верзија, додека глобалниот издавач Киндл Букс ги презеде за дигиталниот пазар.