Поминаа повеќе од дваесет дена од поднесувањето на Пријавата за прекршување на Законот од страна на ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Биљана Ангелова до Државната комисија за спречување на корупцијата. Сето она што го наведовме во Пријавата, за нас укажува дека лицето Ангелова не само што со години го прекршува Законот, туку и личниот интерес и интересот на бизнисот го има поставено над интересот на Универзитетот. Дури и натаму перманентно се случува урнисување на УКИМ заради личните бизнис интереси на Ангелова, за нас надеж дава јавно објавената информација дека Комисијата постапува по пријавата. Затоа, и јавно апелираме до Државната комисија за спречување на корупцијата овој предмет да има приоритет, бидејќи станува збор за работењето и интегритетот на најстариот универзитет во земјава. Истовремено, апелираме до Комисијата да не подлегнува на обидите за притисок од лицето Ангелова, за кои сведочи и злоупотребата на името на УКИМ за негирање на фактите и јавно достапните информации и за своите одлуки да ја извести јавноста преку јавно соопштение или прес-конференција. Апелираме и до сите други надлежни институции да соработуваат со Државната комисија за спречување на корупцијата во врска со овој предмет и за сите наводи да постапат во рамките на своите надлежности, за да се заштити Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Имајќи го предвид она што за нас како професори на УКИМ е особено страшно, тоа што лицето Биљана Ангелова, од позиција на проректор и сега ректор на Универзитетот вршела и врши настава и на приватни т.н. академии, уште еднаш јавно го поставуваме прашањето: Дали за Ангелова бизнисот со приватни академии е поважен од државниот УКИМ кој затоа тоне? Дали Ангелова свесно го урнисува УКИМ со фаворизирање на приватниот бизнис?
Одговорот на ова прашање мислиме дека е јасен, бидејќи во меѓувреме споделуваме и уште едно сознание: само два дена по нејзиниот избор за ректор на УКИМ, јавно, со реклама и видео-обраќање, лицето Ангелова повикува на упис на приватнатната „Прогресив академија“. Притоа и лажно тврди дека таа е единствената академија на која се стекнуваат знаења кои се дел од првиот, вториот и третиот циклус студии на Економскиот факултет во Скопје, но и дел од наставата на Економскиот институт.
Видео-материјал: https://fb.watch/nVULH03aBE/
Само десет дена пред од функцијата проректор за финансии да премине на функцијата ректор, таа е и водечкото лице за повикување за упис на приватната т.н. академија.
Линк:
За нас, професорите на УКИМ јасно е кој и зошто му нанеасува огромна штета на најстариот државен Универзитет. Затоа, уште еднаш апелираме до Државната комисија за спречување на корупцијата, Пријавата против лицето Биљана Ангелова да има приоритет.
Професорите на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“
поднесители на Пријавата против лицето Биљана Ангелова