Воздушните напади врз цели во суданската престолнина Картум се интензивираа во раните утрински часови во средата, јави репортерот на ДПА од теренот, откако обидот да се воспостави 24-часовен прекин на огнот не успеа.
Пукање се слушна и на петтиот ден од борбите меѓу ривалските војски. Примирјето требаше да започне во вторник во 18 часот и да трае 24 часа.
Неуспешните напори за прекин на огнот во вторникот го одбележаа третиот неуспешен обид на армискиот началник и де факто водач Абдел Фатах ал-Бурхан и неговиот заменик Мохамед Хамдан Дагло, шеф на паравоените сили за брза поддршка (РСФ), да ги прекинат непријателствата.
Суданските ривали се борат за власт, десетици борци и 56 цивили се убиени
Двајца од најмоќните генерали и нивните трупи се борат за превласт во политички нестабилна земја во североисточна Африка.
Двајцата владеат со земјата со околу 46 милиони жители, богата со злато и нафта, од воениот удар во 2021 година.
Армискиот началник генерал Абдел Фатах ал-Бурхан ја предводи владејачката коалиција поставена по соборувањето на долгогодишниот претседател Омар Башир во услови на масовни протести.
Водачот на Силите за брза поддршка (РСФ), генерал Мохамед Хамдан Дагало, попознат како Хемедти, е негов заменик.
Според меѓународно поддржаниот план за транзиција, РСФ наскоро требаше да се спои со армијата.
Од избувнувањето на конфликтот, според податоците на Обединетите нации, загинале 270 луѓе, а 2.600 се повредени. Илјадници цивили се заробени во своите станови и куќи, често без струја и без пристап до храна, вода и лекови.
Во судирите во Судан загинаа 270 луѓе, 2.600 беа ранети
Меѓународната федерација на Црвениот крст и Црвената полумесечина соопшти дека е речиси невозможно да се обезбедат хуманитарни услуги во главниот град. Предупредено е дека здравствениот систем во земјата е во опасност од колапс.