Претседателката на Комисијата за социјална политика, демографија и млади Илире Даути денеска повторно ја прекина седницата откако пратеничката Јована Тренчевска од СДСМ побара како прва точка на дневниот ред да бидат ставени измените на законот за бранителите.
На седницата на комисијата требаше да се расправа за измени на законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, во второ читање.
На барањето на Тренчевска, претседателката на комисијата Даути нагласи дека не може да го стави на гласање нејзиниот предлог, бидејќи предлог-закон ги поминал сите рокови.
– Дебатата за овој закон е една дебата за која сме се објасниле сите страни. Не сакам да продолжуваме понатаму и да навлегувам во детали. Вие знаете дека вашиот предлог не ги исполнува условите од Деловникот на Собранието и не може да го прифатиме вашиот предлог. Вие добро знаете дека законите кои требале да поминат преку нашата комисија поминале преку други комисии. Не сум забележала дека вие таму одите да ја блокирате работата на комисиите или на пленарни седници кога поминуваат. Продолжувате да инсистирате да ја попречувате работата на оваа комисија, иако и вие и јас, и сите знаеме дека тој закон ги помина сите рокови кои се предвидени по Деловникот – рече Даути.
Таа побара да се овозможи работата на комисијата без попречување.
Пратеничката Тренчевска рече дека како пратеник според Деловникот на Собранието има право да предложи да се стави на дневен ред овој предлог-закон.
– Повеќе пати укажав дека законот се уште е во систем, а не е повлечен. А согласно член 131 од Деловникот за работа на Собранието, дневниот ред на седниците и работниот дел се утврдува на почетокот на седницата, како што и почнавте и во дневниот ред може да се внесат и прашања кои ги предложиле и пратениците, претседателот на Собранието или Владата. Согласно Деловникот имам право да го ставам на дневен ред овој предлог-закон, а вие имате обврска овој мој предлог да го ставите на гласање, па ако помине да биде од дневниот ред, а ако не помине тогаш си продолжува со дневниот ред кој што вие го предложивте – рече Тренчевска.
Даути повтори дека барањето на Тренчевска е спротивно со Деловникот на Собранието.
– Вие продолжувате со истото инсистирање како и досега, и мене ми треба да продолжам со истото инсистирање како досега, не поради тоа што јас велам така, туку поради тоа што така обврзува Деловникот. Вашето барање е во спротивно со Деловникот, јас немам можност да ставам ниту како предлог, бидејќи зборувате за еден закон кој не ги исполнува временските и другите критериуми. Ја прекинувам работата на оваа седница – рече Даути.
За работата на Даути како претседател на комисијата партијата Левица неодамна поднесе иницијатива за интерпелација.
Претседателот на Собранието Африм Гаши неодамна објасни дека ако биде разрешена Даути од претседателското место во комисијата, нема пречки повторно да биде избрана.
Измените ја поминаа потребата за усвојување на пленарна седница во септември и требаше да поминат на комисиска расправа во рок од 24 часа, но пратеничката Даути тогаш ја одржа седницата, но не ја стави точката на дневен ред. Таа тогаш рече дека додека во измените не се додадат и правата на борците на ОНА, нема да го стави предлогот на дневен ред. Пратениците од СДСМ потоа бараа таа седница да ја закаже спикерот Африм Гаши, но тој одби, со образложение дека седницата се одржала во рокот од 24 часа, а тој не е одговорен за тоа кои точки се разгледувале на таа седница.