MEMO ДООЕЛ во изминатите четири дена изврши пробно тестирање на пазарот на електрична енергија ден-однапред кој е предвидено официјално да почне со работа на 10 мај 2023 година, информираат од компанијата.
– За време на тестирањето извршивме симулација на четири различни сценарија – нормален ден; технички проблем пред затворањето на книгата на налози плус доцнење во објавувањето на резултатите; технички проблем по затворањето на книгата на налози плус доцнење во објавувањето на резултатите; и технички проблем плус процедура на не одржување на аукција. Резултатите од симулацијата се одлични, со повеќе од 24 потенцијални учесници активно вклучени во тестирањето – посочуваат од МЕМО.
Со оглед на постигнатите резултати при тестирањето, нагласуваат, уверени сме дека пазарот ќе биде целосно оперативен до датумот на започнување со работа на 10 мај 2023 година.
– Веднаш по официјалното одобрување на Правилата за работа на организираниот пазар на електрична енергија (берзата на електрична енергија) од страна на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, ќе го отвориме процесот на регистрација на учесниците на пазарот ден-однапред – велат од МЕМО и додаваат дека почетокот на регистрацијата ќе биде официјално објавен.
Со воспоставување на пазарот ден-однапред, како што нагласуваат, ќе се овозможи формирање на релевантна референтна цена на електричната енергија во нашата држава, ќе се овозможи пазарно поврзување со соседните пазари, а со тоа и ќе се олесни достапноста на електричната енергија на учесниците на пазарот на големо.
– Сето тоа претставува еден од основните предуслови за приватни инвестиции во енергетиката и во енергетско интензивните стопански дејности – порачуваат од МЕМО.