Србија сега има 2,42 милиони тони пченица и се очекува на крајот на оваа пазарна година (30 јуни), откако ќе се извезат договорените количини и ќе се задоволат домашните потреби, на залиха да останат рекордни од 1,3 до 1,8 милиони тони, изјави денеска Сунчица Савовиќ, директор на Здружението „Жита Србије“.
Таа рече дека до тој датум извозот може да достигне максимум од уште 450.000 до 500.000 тони (март-јуни), а месечната потрошувачка во земјата е од 150.000 до 160.000 тони.
Според неа, има побарувачка за оваа култура, но дека извозните цени на конкурентските земји во регионот на Црното Море: Украина, Романија, Унгарија, Бугарија и Русија се под цените на производителите на домашната пченица.
Квалитетот на пченицата со текот на времето се намалува, а според неа особено брзо се намалува поради несоодветното складирање.
И годинава, како што рече, не може да се очекува исклучителен квалитет бидејќи земјоделците „штедеа“ на минерално ѓубриво, а поради топлата зима пченицата беше нападната од истите болести како и една година претходно.
Таа потсети на проблемот со безусловното складирање на дел од домашната пченица, наместо според групите за квалитет, така што најголемите количини извозни вишоци се третираат како добиточна пченица и имаат пониска цена.