Притисокот во подморскиот гасовод Северен тек 2 од Русија до Германија падна од 300 на 7 бари во текот на ноќта, изјави портпаролот на операторот на гасоводот, додавајќи дека компанијата не ја знае причината за падот, пренесува Ројтерс.
Гасоводот во руска сопственост, кој требаше да ја удвои количината на гас што тече од Св. Петербург под Балтичкото Море до Германија, штотуку беше завршен и наполнет со 300 милиони кубни метри гас кога германскиот канцелар Олаф Шолц го откажа непосредно пред Русија да ја нападне Украина.
Операторот со седиште во Швајцарија соопшти дека ги известил сите надлежни органи и дека истекувањето, доколку е причината, не би можело да биде на местото на слетување во Лубмин, северна Германија.
„Да беше во Лубмин, ќе слушнавте“, рече портпаролот.