Лекот кој е единствен на располагање во тешки клинички форми на болест е пристигнат во држвата во текот на вчерашниот ден, а пациентката која е заразена со конго-кримска хеморагична треска е стабилна, со повремено покачена температура, информираат од Клиниката за инфективни болести.
„Пациентката, која се инфицираше во тек на својата работа, е стабилна со повремено покачена температура, без други симптоми на болест. Лабораториските анализи на крвта се следат дневно и се ординира терапија. Во наредните неколку дена, според можниот развој на болеста, очекуваме фаза во која може да се случи влошување на состојбата“, соопштија од Инфективната клиника.
Оттаму додаваат дека лекот кој е единствен на располагање во тешки клинички форми на болест е пристигнат во државата во тек на вчерашниот ден.
„Вчера беа реализирани и веб конзилијарни состаноци со колеги кои ја следат оваа болест во светот и имаат огромно искуство“, велат од Клиниката.
– Веднаш го набавивме овој лек. Многу ретко се наоѓа, го има само во земји во кои има голем број на разболени пациенти. Но, во соработка со Светската здравствена организација и Лекари без граници, успеавме за многу кратко време да добиеме количина на лекот, во случај да ни треба за нашата пациентка. Искрено се надевам дека нема да имаме таква состојба за да го искористиме. Но, ако ни треба и тој лек го имаме. Лекот се дава само во друга ситуација, кога се нема друг избор, при исклучително тешка клиничка слика – изјави директорката на Инфективната клиника Милена Стевановиќ за МИА.
Како што додаде таа, станува збор за антивирусен лек што се дава и се користи при различни вирусни, ретко и малку, меѓутоа се користи при различни вирусни инфекции.
– Ние некогаш сме го користеле во третман на хроничен хепатит це, одамна, тоа не е лек што е специфичен за конго – кримска, меѓутоа колегите кои лекуваат во светот конго – кримска во ендемски подрачја со голем број на пациенти, го користат некогаш во случај на многу тешка клиничка форма, како опција за третман. Пациентката е стабилна и се следи – додаде Стевановиќ.
Од вработените на Клиниката за инфективни болести кои беа под медицински надзор ниту еден до сега нема пријавено симптоми на болест.
На 30 јули почина жена од Штипско, по убод од крлеж. Од неа се зарази болничарка, која моментално е на Инфективната клиника. Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДСЗИ) издаде решенија за изолација за 29 контакти, а само болничарката пројави симптоми. Контактите од првиот позитивен случај се под надзор до 10 август.
Од контактот со болничарката, издадени се решенија за изолација за уште 11 контакти, 10 членови на нејзиното семејство и колешка од Инфективната клиника. Тие ќе бидат 14 дена под надзор.
ВМРО-ДПМНЕ: Со која антивирусна терапија ја лекувате пациентката?
Здравствените власти и нивното однесување е на штета на здравјето на граѓаните, обвини опозициската ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение.
„Најдобар доказ за тоа што денеска Министерството за здравство покажа дека освен со политиканство, не го интересира професионалност, ниту транспарентноста, иако устите им се полни со наводна и лажна транспарентност. Наместо одговори од експерти во областа, денеска покажаа дека се всушност политички циркузанти кои се неспособни да дадат стручни одговори за да ги смират граѓаните. Потребно е да се даде одговор на неколку прашања. Каде е директорката на Инфективна клиника? Каде е министерот за здравство?Потребно е да дадат одговор на прашањата поврзани со начинот на лекување и дали има соодветни лекови за овој вид на треска. Со која антивирусна терапија ја лекуваат вработената на Инфективна клиника која е заразена? Дали имаат антивирусни лекови за конго-хеморагичната треска? Дали е точно дека допрва ги набавуваат потребните антивирусни лекови за овој вид треска? Политичките циркузанти, неспособни да дадат одговори со аргументи и стручни факти, потребно е веднаш да заминат со отровот што во себе го носат во комбинација со неспособноста и незнаењето. Ова е неопходно за да се рестартира здравствениот систем“, наведено е во партиското соопштение.