Во рамки на Преспа форум за дијалог, претседателот Стево Пендаровски денеска во „Вила Билјана“ во Охрид имаше средба со претседателот на Словенија, Борут Пахор, на која, како што соопшти Кабинетот на Претседателот, беа реафирмирани одличните билатерални односи без отворени прашања, базирани на традиционално пријателство, кое оваа година свечено беше одбележано по повод 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу двете земји.
– Пендаровски го поздрави формирањето на новата словенечка Влада, истакнувајќи ја својата убеденост дека ќе продолжи силното стратешко сојузништво, партнерство и долгогодишната конструктивна соработка меѓу двете земји. Тој се заблагодари за конзистентната словенечка поддршка на билатерален, регионален и мултилатерален план, особено гласна за време на претседавањето на Словенија со Советот на ЕУ. Приоретизирањето на прашањето за европска интеграција на регионот е постојано високо на агендата на словенечката надворешно-политичка агенда – посочи претседателот Пендаровски.