Припадник на Националната воздухопловна гарда, осомничен за обелоденување на високодоверливи документи кои го посрамотија Вашингтон меѓу сојузниците ширум светот, е уапсен денеска во Масачусетс, изјави за Ројтерс извор запознаен со истрагата.
Изворот, кој сакаше да остане анонимен, не соопшти детали. Портпаролот на седиштето на ФБИ не одговори на барањето на Ројтерс за коментар.
Американскиот претседател Џо Бајден изјави претходно дека истражителите се приближуваат кон изворот на истекувањето, за кое се верува дека е најсериозното нарушување на безбедноста во последните години.
„Њујорк тајмс“ објави дека водачот на интернет-групата што ги објави доверливите документи е член на Националната гарда на воздухопловните сили на Масачусетс. Тој го именуваше како Џек Тешеира, кој раководел со Таг Шегер Централ (Thug Shaker Central) онлајн-група каде што околу 20 до 30 луѓе ја споделуваа својата љубов кон оружјето, расистичките мемиња и видео игрите.
Истражители од ФБИ изјавија дека сакаат да го сослушаат уапсениот. Американското Министерство за правда отвори формална кривична истрага минатата недела, откако случајот беше доставен до Пентагон, кој ја проценува штетата.
Се вели дека некои од најчувствителните објавени детали се поврзани со воените способности и недостатоци на Украина, како и информации за сојузниците на САД, вклучувајќи ги Израел, Јужна Кореја и Турција.
Ројтерс прегледа повеќе од 50 документи, означени како „тајни“ и „строго доверливи“, но не можеше независно да ја потврди нивната автентичност. Бројот на протечени документи е веројатно повеќе од стотина.
Претходно неколку светски агенции објавија дека 20-годишник, кој е интернет ѕвезда на социјалните мрежи, ги протекол документите. Не беше спомнато дека бил вработен во американската армија.