Принцот Чарлс (73) е повторно позитивен на ковид-19, па поради тоа беше принуден да се повлече од настаните бидејќи се изолирал, велат во палатата.
Кларенс Хаус потврди дека принцот е во самоизолација дома и дека ги откажал однапред планираните ангажмани.
Чарлс денес требаше да присуствува на откривање на статуа во Винчестер, а потоа да биде дел од јавниот прием во Големата сала.
Во соопштението од палатата се вели:
– Утрово, принцот од Велс беше позитивен на ковид-19 и сега е во самоизолација. Тој е длабоко разочаран што нема да може да присуствува на денешните настани во Винчестер и ќе се обиде што поскоро да ја реализира одложената посета – се наведува во соопштението.
Чарлс синоќа присуствуваше на прием во Британскиот музеј со војвотката од Корнвол. Тој се сретна со гости, меѓу кои и Риши Сунак, за да ја прослави работата на Британскиот азиски фонд (БАТ).
Ова е втор пат Чарлс (73) да биде заболен со ковид-19, откако беше позитивен на почетокот на пандемијата во март 2020 година. Тој тогаш рече дека „сосема лесно се извлекол“.