При презентирањето на информација најважно е колку и како ќе биде споделена

Lorita
By Lorita 10 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
Online news on a smartphone and laptop. (Mockup website). Woman reading news or articles in a mobile phone screen application at home. Newspaper and portal on internet, copy space.
- Advertisement -
Ad image

Постојат медиуми што наведуваат извори и линкови со кои ги поткрепуваат своите истражувања и ѝ овозможуваат на публиката да има увид во процесот на создавањето на приказната, преку кој таа би можела да разјасни некои од несаканите ефекти од секогаш присутните предрасуди. А постојат и такви на кои им се верува „на слепо”, оние што процесот на создавање го чуваат за себе, а веста, најчесто, знае да остане непотврден факт.

Познато е дека за вестите е најважно да се точни и вистинити, но денес станува еднакво важно публиката да види како тие се прават, од каде доаѓаат информациите и како функционираат.

– Транспарентноста не е исто што и објективноста, еднакво како што објективноста не е исто што и професионалноста – вели Катaрина Синадиновска од Советот за етика во медиумите на Македонија. Според неа, клучно е информацијата да биде професионално обработена и така и пласирана, а правото на став на медиумот е неприкосновено.

– Што значи тоа? Тоа значи информацијата да биде силно истражена пред да биде прогласена за факт, а доколку станува збор за мислење или став, во согласност со уредувачката политика на медиумот, тоа треба да биде јасно назначено. Ова е многу важно за транспарентноста за да не се мешаат мислењата со фактите и за да знае јасно читателот или гледачот за каков новинарски жанр станува збор, дали е вест или коментар – вели таа.

Во однос на транспарентноста, Синадиновска вели дека за самиот процес на подготовка на вести таа е еднакво важна и дека секогаш помага кога медиумите се отвораат за граѓаните и наоѓаат начини да ги пуштат да „ѕирнат” во редакциите.

– На тој начин одблиску ќе видат како изгледа еден процес на подготовка на вести или пишување текст, низ какви професионални филтри поминува информацијата во рамките на една редакција и ќе сфатат дека кога станува збор за професионално новинарство, тоа никако не значи дека некој може да седне и да си напише што ќе му падне на памет, туку дека тоа е сериозен процес што бара неопходни професионални квалификации – нагласува Синадиновска.

Од Здружението на новинарите на Македонија велат дека транспарентноста не само што ја претставува објективноста, туку и ја потенцира етичноста и професионалноста во новинарството.

– Сметам дека мора да се најде ефективен начин за подобра комуникација и транспарентност во односот и работењето внатре во редакциите помеѓу колегите новинари како и помеѓу новинарите и медиумските работници од една страна и институциите од друга страна. Секоја половична информација што нема доза објективност во себе остава простор јавноста да се сомнева во веродостојноста на информациите, а со тоа да се доведе во прашање и професионалниот пристап при работата на новинарите – нагласува Милан Спировски од ЗНМ.

Според него, важно за читателите, слушателите и за гледачите, е да видат како се прават вестите и од каде доаѓаат информациите, но, дополнува тој, „уште поважен е квалитетот и вистинитоста на вестите и информациите, секако и дали во процесот на продуцирање на вестите се почитуваат минимум новинарските етички стандарди”.

- Advertisement -
Ad image

Транспарентноста е приказ на одреден процес

Она во кое порано верувавме затоа што сметаме дека авторот е објективен, сега веруваме затоа што преку пишувањето можеме да ги видиме изворите и вредностите што го довеле до тој став. Јасноста, односно примерите во контекстот и откривањето на податоците, односно листата на извори, можат да им овозможат на читателите независно да ги проверат податоците што се наведуваат во приказната.

Транспарентноста во новинарството, според Синадиновска, се содржи во тоа новинарите да бидат јасни и прецизни во изнесувањето на своите ставови и одговорно да известуваат, да бидат колку може повеќе интерактивни, односно да ги вклучат публиката и читателите во својата работа, да им дадат простор за коментари и фидбек, да најдат начин за остварување комуникација со нив, и, се разбира, „јасно и отворено да ги имаат наведено своите финансиери и своето сопствеништво”.

- Advertisement -
Ad image

Спировски вели дека транспарентноста во новинарството е тесно поврзана со објективноста и кредибилитетот на новинарот или медиумот, каде што тој работи.

– Од исклучителна важност за публиката, но и за лицата што работат во одреден медиум е да се изгради тој авторитет и кредибилитет преку транспарентност во процесот и во работата. Транспарентноста претставува приказ на одреден процес и начин како го правите тоа и да се објави што навистина ве поттикнало како човек, како професионалец и како организација (медиум) токму така да направите одредена работа. Тука спаѓаат неколку компоненти, најнапред за да се постигне кредибилитетот на еден одреден медиум, како и авторитетот на медиумот кон публиката како и луѓето што работат во тој медиум, не само што се објективни и транспарентни, публиката има увид како и колку се доследни во тоа и колку се залагаат за креирање добри приказни што јавноста треба да ги види – образложува тој.

Од СЕММ велат дека имаме секакви примери за (не)транспарентни медиуми.

– Од максимално нетранспарентно до целосно посветени на зачувување на овие професионални начела и негување еден отворен и отчетен однос со публиката и со јавноста – вели Синадиновска.

Спировски, пак, посочи на неколку активности што ги спроведува ЗНМ. заедно со СЕММ, а кои, според него, се во насока за зголемување на професионалноста преку транспарентен начин да се регулира онлајн просторот во земјава.

– ЗНМ во соработка со Советот за етика во медиумите на Македонија (СЕММ) креира Регистар на професионални онлајн медиуми во земјава каде што за да се стане член, потребно е да се исполнат неколку услови транспарентно сопствеништво, објавен импресум, почитување на стандардите на Кодексот на новинарите, Повелбата за етичко известување за избори и Статутот на СЕММ, објавените текстови да се потпишани од автор, а доколку се преземени од други медиуми тоа да биде наведено, во согласност со Законот за заштита на авторски права – појаснува тој.

Откривањето на начинот на кој се собираат информациите и се известува за нив, предуслов за транспарентност

Според експертите, организација што обезбедува ресурси за проверка на факти и линкови до истражувањето што го поткрепуваат известувањето се смета за транспарентна организација.

Синадиновска вели дека СЕММ постојано работи со членките во изнаоѓање најдобри решенија и практики за зголемена медиумска транспарентност и, како што вели, самите тие како организација организираат отворени седници на Комисијата за жалби каде што секој граѓанин, колега, заинтересиран поединец може да ја следи седницата и да има увид како СЕММ, всушност, работи.

Во врска со прашањето кои стандарди во медиумска индустрија би придонеле кон откривањето на начинот на кој се собираат информациите и се известува за нив, таа вели дека тоа е оставено на самите компании и е нивно индивидуално право.

– Тоа во најголем дел зависи од нивната креативност и начинот на кој ја доживуваат сопствената новинарска мисија освен кога станува збор за делот за транспарентно финансирање што го опфаќа и легислативата и самиот СЕММ преку критериумите за членство – вели Синадиновска.

Според Спировски, ЗНМ секогаш се залага и апелира да се почитува етичкиот кодекс на новинарите, односно да се запазат професионалните стандарди.

– Во точката 11 од Препораката CM/Rec(2018)1[1] од Комитетот на министри до земјите членки за плурализам во медиумите и транспарентност на медиумската сопственост (усвоена од Комитетот на министри на 7 март 2018 година, на 1309-тата средба на замениците министри) се вели дека усвојувањето регулатива за медиумска сопственост и нејзино ефективно спроведување може да играат важна улога во поглед на медиумскиот плурализам. Таквото законодавство може да ја зголеми транспарентноста на медиумската сопственост, може да ги реши прашањата какви што се меѓумедиумска сопственост, директна и индиректна медиумска сопственост и ефективна контрола и влијание врз медиумите. Може да придонесе и за обезбедување ефективна и јасна поделба помеѓу спроведувањето политичка власт или влијание и контролата над медиумите или одлучувањето во однос на медиумските содржини. Транспарентноста на медиумската сопственост, организацијата и финансирањето, помагаат да се зголеми одговорноста на медиумите – образложува тој.

Неопходно е медиумите да развијат доброволни стандарди во индустријата за да го откријат начинот на кој ги прибираат информациите и известуваат за нив. Ова ќе придонесе кон градење на кредибилитетот и авторитетот на медиумот и на луѓето што работат во него, бидејќи не само што се објективни и транспарентни, туку публиката има увид во тоа како и колку се објективни и транспарентни и колку се залагаат за креирање добри приказни што јавноста треба да ги види.

Share This Article