Претставата “Замисли нов свет” инспирирана од делата и размислувањата на Горан Стефановски ја имаше својата премиера.
„Замисли нов свет“ е претстава која треба да се види и доживее! Премиерната изведба одлична, со фантастични ликови, и длабоки и суштински дијалози кои сите не засегаат. Еден и пол час театарска претстава исполнета со емоции, себе преиспитување, потсетување на она што сме, но и што можеме да бидеме“, се вели во соопштение до медиумите.
Миграциите, недоразбирањата меѓу генерациите, љубовта и загубата, распадот на вредностите го сочинуваат тематскиот опсег на претставата „ Замисли нов свет“. Работена според сцени од 7 култни текстови на Горан Стефановски, претставата беше поздравена од публиката со голем и долготраен аплауз.
– „Замисли нов свет” е претстава која создава чувство на поврзаност со сета своја магија на сцената, од музичката изведба, визуелните ефекти, докажа дека културата може да биде препознаена, а театарот е моќен медиум што може да влијае и да ги менува на подобро работите во едно општество. Со вакви проекти се вреднува интелектуалниот труд – нешто што е нормално кога се занимавате со уметност во други развиени земји” – изјави драматургот Ана Ристоска–Трпеноска.
Сите актери, Верица Недеска, Дамјан Цветановски, Игор Ангелов, Филип Трајковиќ, Нина Деан, Ана Јовановска, Стефан Спасов и Антонио Ташковски кои срдечно ја отпоздравија, па од јануари 2025 година публиката ќе има можност да ја гледа на редовен репертоар.
Претставата ја користи музиката на Огнен Атанасовски.
„Огромно браво за идејата на Saatchi&Saatchi Скопје, и за Телеком кој овозможи реализација на ваков значаен театарски и културен проект, и услови за многу млади уметници да ја покажат својата креативност и да ги пренесат своите пораки на публиката“, се вели во соопштението.
„Замисли нов свет“ е проект на Телеком во копродукција со МНТ во режија на Нела Витошевиќ. Претставата, како што се вели во соопштението, треба „да нѐпоттикне сите нас да размислуваме на добрите работи и конекции што можат да се случат ако се согласиме да ги надминеме разликите и помислиме на големиот број работи кои нѐ поврзуваат“.
„Претставата е всушност колаж од делата на нашиот најпознат драмски автор и преку низа на уникатни ликови и ситуации зборува за она за кое и самиот Стефановски беше заинтересиран целиот негов живот: за луѓето и нивните карактери, за општеството и за сите начини на кои можеме да го направиме светот околу нас подобро место за живеење“, велат од тимот.
„Замисли нов свет“ е претстава за надежта и за човековиот дух кој низ разни генерации и состојби ќе успее да најде начин да се бори со сите проблеми кои ги задава животот. Целиот склоп на текстот е приказна за заедништво што ни покажува дека сите можеме да учиме едни од други и да си го најдеме своето место во општеството“, велат од тимот и порачуваат дека претставата е доказ дека уметноста е и треба да биде „движечка сила за општествена трансформација“ и „инспирација за многу генерации“.