Претседавањето со ОБСЕ нема да биде рекламирано со народни пари

Lorita
By Lorita 2 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Министерството за надворешни работи (МНР) ќе ја прекине кампањата за рекламирање на претседавањето со ОБСЕ, за која беа одвоени 100.000 евра народни пари, но не смета дека го скршило законот со оваа набавка. Одлуката за повлекување доаѓа по реакциите на ЗНМ, Здружението на новинари на Македонија и на АВМУ, Агенцијата за аудио и адуиовизуелни медиумски услуги, кои реагиираа дека тоа може да доведе до корумпирање на приватните медиуми и до обид за владина пропаганда.

Од министерството појаснуваат дека во рамките на првите денови од преземањето на претседателството со ОБСЕ биле привремено поставени веб-банери кои се од информативно-едукативен карактер и дека преку истите на ниту еден начин не се промовира МНР ниту неговата работа.

Според МНР одлуката не била спротивна на законите.

„Овој потег не е во спротивност на активните законски практики и членот 102 од Законот за АВМУ за пласирање средства кај радиодифузерите“, велат од МНР.

„Без разлика на законските можности, по сугестијата која денес дојде од ЗНМ, Министерството за надворешни работи ќе ја прекине предвидената еднонеделна кампања преку користење веб – банери. Во интерес на транспарентното работење, евентуалните идни активности од комуникациски аспект ќе бидат правени во координација со новинарските здруженија и другите претставници на граѓанскиот сектор“, се појаснува во написот.

Министерството потсетува за важноста на тоа што годинава Македонија ќе претседава со ОБСЕ.

„Како што веќе информиравме, ангажирање на агенција за време на претседателството со ОБСЕ претставува редовна работа за секој Претседавач со организацијата и активностите кои се предвидени не се за пи-ар, туку за организиран пристап кон предизвиците за стратешко комуницирање на земјата како земја – претседавач со најголемата регионална безбедносна организација. Покрај Стратешкото комуницирање, ангажирањето на Агенцијата во најголем дел се однесува за поддршка на Министерскиот совет, комплексен проект кој предвидува организирано присуство и активности на над 70 делегации од целиот свет, кои се очекува да бидат предводени на највисоко дипломатско ниво, на ниво на Министри за надворешни работи“, се вели во соопштението на МНР.

Share This Article