More

    Претседателот Пендаровски се обрати на одбележувањето на 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи со Франција

    spot_img

    Претседателот Стево Пендаровски се обрати на приемот, што по повод 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Северна Македонија и Француската Република, се одржа вчеравечер во Скопје.

    Претседателот Пендаровски оцени дека воспоставувањето на дипломатските односи, во време на исклучителни политички и безбедносни турбуленции, беше дополнителна потврда за дефинитивното етаблирање на нашата држава во меѓународното семејство на народите.

    Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

    Почитуван господине амбасадор на Француската Република,

    Почитувани екселенции,

    Дами и господа,

    Драги пријатели,

     

    Вечерва сме собрани да ја одбележиме 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу нашите две пријателски држави – Република Северна Македонија и Француската Република.

    Триесет години не се многу ни во еден обичен животен век на човекот, а не пак во односите меѓу државите. Инаку, оваа бројка, на некој начин може и да нѐ залаже. Имено, македонско – француските врски, посебно на културен план, имаат далеку подлабоки корени. Францускиот јазик на овие простори бил восприеман како главен вектор на културно-цивилизациските вредности, слободата и напредокот.

    Во времето на преродбата, идеалите на Француската револуција биле идеи-водилки на цела плејада македонски револуционери кои сонувале, работеле и гинеле за создавањето на независна држава во која македонскиот народ и другите етнички заедници и секој граѓанин, независно од етничката и религиозна припадност, ќе можат да живеат достоинствено и во слобода, заедно со сите останати народи во Европа.

    Со цивилизираниот начин на кој ја оствари својата независност по мирен пат, Северна Македонија потврди дека е достојна меѓу наследниците – чувари на европските вредности, во чија основа е француската визија за слобода, еднаквост и братство. Повеќе истакнати француски интелектуалци и политичари, од Робер Бадентер до Жак Ширак, независно од нивната идеолошка позиционираност, знаеја да ја препознаат таа европска димензија што во самата своја суштина ја содржеше и сеуште ја содржи новата држава на Балканот.

    Воспоставувањето на дипломатските односи со Француската Република, во време на исклучителни политички и безбедносни турбуленции со кои се соочувавме, беше дополнителна потврда за дефинитивното етаблирање на Северна Македонија во меѓународното семејство на народите.

    Во текот на сите овие изминати 30 години, Франција беше наш придружник и во добро и во лошо. На тој пат, имаше подеми и падови, имаше егзалтации и разочарувања. Меѓутоа, нашата определба за полноправна интеграција во Европската Унија, наспроти сите тешкотии и предизвици беше и е – константа. Очекуваме Франција, како земја која има толку многу вложено во изградбата на заедничкиот европски дом, но и во македонскиот дел од заедничката визија за обединета Европа, да продолжи, како и до сега, да не поддржува на тоа долго патување.

    Актуелниот геополитички момент, создаден со руската агресија врз Украина, но и со геополитичките поместувања на глобален план кои се во тек, кои на Европа едноставно и го наметнуваат императивот за целосно обединување, е можност за удвојување на напорите и за уште поголема посветеност во остварување на заедничката цел.

    Почитувани,

    Пријателството меѓу државите и народите, како и меѓу поединците е доблест која треба постојано да се негува за да опстои. Да останеме посветени на одржување на блиските односи и соработката меѓу Северна Македонија и Француската Република.

    И овој наш собир вечерва, на крајот на една тешка година во Европа, покажува дека знаеме да ги цениме вистинските вредности. Тие се и најдобриот влог за надминување на проблемите и за заеднички прогрес во годините пред нас.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img