More

    Претседателот Пендаровски се обрати на конференцијата „Повторното актуелизирање на инфлацијата и новите геополитички реалности – Редизајнирање на макроекономската политика“

    spot_img

    Претседателот Стево Пендаровски денеска се обрати на 9. Меѓународна истражувачка конференција на тема „Повторното актуелизирање на инфлацијата и новите геополитички реалности – Редизајнирање на макроекономската политика“ што во организација на Народната банка на Република Северна Македонија, во соработка со Комитетот за преобразување на Бретон Вудс, се одржува во Скопје.

    Во обраќањето претседателот Пендаровски истакна дека како мала, отворена и увозно зависна економија, земјата диспропорционално ги чувствува ефектите од глобалните потреси и затоа е важно да биде пронајден модел за амортизирање на пазарните шокови во амбиент на постојано променливи економски околности.

    За да се спречи одливот на квалификувана работна сила, според претседателот Пендаровски, неопходно е да се обидеме да ги направиме нашите економски системи податливи и за развој на економската слобода и за еднаквоста на можностите и посочи дека се неопходни реформи во виталните сегменти клучни за економскиот развој, како што се инвестициите, продуктивноста на трудот, димензионирање на образованието според барањата на пазарот на трудот и креирање на квалитетни работни места.

    Во продолжение е интегралниот текст од обраќањето на претседателот Пендаровски.

    Видео-материјал:

    Обраќање – https://youtu.be/e_PBkdGsW-Q

    Почитувани присутни,
    Дами и господа,

    Чест ми е да ве поздравам на оваа важна конференција организирана од Народната банка на Република Северна Македонија и од Комитетот за преобразување на Бретон Вудс.

    Во 1958-та, пред 65 години, познатиот британски филозоф Исаија Берлин го одржа своето инаугуративно предавање на Оксфордскиот универзитет за двата концептa на слободата. Фокусирајќи се на тензијата меѓу слободата и еднаквоста околу кои се водел и клучниот идеолошки конфликт во текот на Студената војна, Берлин забележал дека поголема економска слобода може да води кон помала еднаквост и обратно.

    Од ова логично се наметнува прашањето: Kаков треба да биде поредокот што ќе ја гарантира слободата без да ја дебалансира еднаквоста? Ова прашање е особено актуелно во кризни периоди, кога одново се соочуваме со дилемата како да обезбедиме економски раст што би бил долгорочен, одржлив и еднакво достапен за што поширок круг на луѓе.

    Ова е и причината зошто една територијално мала држава како Северна Македонија посветува внимание на прашањето за глобалната финансиска архитектура во услови на геополитичка и геоекономска фрагментација.

    Ефектите од здравствената, енергетската, економската, социјалната и безбедносната криза конвергираа во поликриза која ги покачи цените на енергенсите и на прехранбените производи, го забави економскиот раст, ја забрза инфлацијата, ги зголеми животните трошоци и го стесни просторот за поддршка на економијата.

    Како мала, отворена и увозно зависна економија, ние диспропорционално ги чувствуваме ефектите од овие глобални потреси. И затоа нам ни е важно да биде пронајден модел за амортизирање на пазарните шокови во амбиент на постојано променливи економски околности.

    Во услови на нестабилно надворешно опкружување и сѐ повисоки ценовни притисоци, особено поради војната во Украина, нашата Народна банка, по примерот на Европската централна банка, започна да ја прилагодува својата монетарна политика. При тоа, факт е дека здравата монетарна политика придонесе да се зачува макроекономската стабилност на државата и делумно да се заузда растечката инфлација. Но, тоа не значи дека сите предизвици се надминати. Геополитичките и геоекономските ризици неспорно ги засилуваат долгорочните негативни ефекти и врз демографијата.

    Имено, неизвесноста го засилува масовното иселување на младите не само од нашата земја, туку и од целиот регион на Западниот Балкан. А со тоа губиме непроценлив човечки и социјален капитал од кој зависи долгорочниот економски раст и развој на нашите држави и на целиот регион.

    За да го спречиме одливот на квалификувана работна сила, неопходно е да се навратиме на дилемата на Исаија Берлин и да се обидеме да ги направиме нашите економски системи податливи и за развој на економската слобода и за еднаквоста на можностите. Неопходни се реформи во виталните сегменти клучни за економскиот развој, како што се инвестициите, продуктивноста на трудот, димензионирање на образованието според барањата на пазарот на трудот и креирање на квалитетни работни места.

    Верувам дека тоа најдобро можеме да го постигнеме преку засилени реформи и забрзана интеграција во Европската Унија. Поголемата трговска и финансиска интеграција на регионот во европскиот пазар, во изминативе децении беше еден од виталните фундаменти на економскиот раст.

    Во регионот на Западниот Балкан, токму македонската економија има највисоко ниво на трговска интеграција со Европската Унија. Меѓутоа, за македонските граѓани да ги почувствуваат придобивките од Унијата, освен трговска, неопходна е и политичка интеграција – што значи прифаќање и на европските стандарди и критериуми. Затоа, нам, и на земјите од регионот повеќе од кога било порано ни е неопходно натамошно зајакнување, а не намалување на врските со развиените економии.

    Дозволете ми на крајот да го искажам моето уверување дека оваа конференција е можност да се даде стручно, автентично, меѓу останатото и регионално видување за овие прашања и дилеми.

    Затоа освен пријатен престој во Скопје, ви посакувам успешна работа и презентирање на креативни концепти, идеи и предлози за надминување на посочените дилеми и предизвици.

    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img
    spot_img