Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Република Полска, Кжиштоф Гжелчик.
Посакувајќи му добредојде во нашата држава на амбасадорот Гжелчик, претседателот Пендаровски го реафирмираше задоволството од високо развиените билатерални односи меѓу двете пријателски држави, кои ги карактеризира традиционално и искрено пријателство, интензивен политички дијалог и одлична трговска и економска соработка, споделувајќи заеднички европски вредности на меѓусебно разбирање и почит.
„Дозволете, во оваа убава пригода, да изразам огромна благодарност за безрезервната, гласна поддршка што Република Полска ја дава на нашиот евро-интегративен процес, која граѓаните на Република Северна Македонија високо ја ценат. Немаме сомнежи дека нашите полски пријатели ќе продолжат безрезервно да ѝ помагаат на Република Северна Македонија да стане дел од европското семејство, кога денес, во светло на агресивната војна на режимот на Кремљ против Украина, тоа станува прашање не само на економски просперитет, туку и стабилност и безбедност на целиот европски континент“, рече претседателот Пендаровски, посочувајќи дека нашата држава придава големо значење и на силните партнерски односи кои ги негуваме во рамките на НАТО сојузот.
Претседателот Пендаровски изрази убедување дека пред двете земји претстои успешен период, со изразени можности за јакнење на соработката како на билатерален, така и на меѓународен план.
На церемонијата на предавање на акредитивните писма, амбасадорот Гжелчик оцени дека нашите народи, иако географски оддалечени, многу години се поврзани со посебно пријателство.
„Пред повеќе од три децении Северна Македонија одлучи да тргне по патот на независноста и демократијата. И покрај турбулентните регионални и меѓународни случувања низ овие времиња, вашата земја успеа да го одржи овој курс до ден-денес, успешно градејќи мултикултурно општество, решавајќи ги споровите и несогласувањата со соседите и придонесувајќи за стабилноста и развојот на Западен Балкан“, рече амбасадорот Гжелчик.
„Во однос на процесот на интеграција на Северна Македонија во Европската Унија, би сакал да ве уверам за целосната поддршка и солидарност не само од полските власти, туку и од општеството“, рече амбасадорот Гжелчик, истакнувајќи ја високата поддршка на Полјаците и позитивниот став за проширувањето на ЕУ кон земјите од Западен Балкан.
Претседателот Пендаровски на амбасадорот Гжелчик му посака успешно извршување на функцијата.