Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Гвинеја-Бисао за Република Северна Македонија, со седиште во Москва, Алфредо Кристово Гомес Лопес.
На церемонијата на предавање на акредитивите, претседателот Пендаровски изрази уверување дека амбасадорот со својот ангажман и дипломатско искуство ќе придонесе за унапредување на соработката, со иницирање на конкретни содржини и форми.
„Во периодот што претстои, интензивирајќи го политичкиот дијалог меѓу двете земји, подготвени сме да ги искористиме можностите за соработка, како во економската, така и во сферата на културата, уметноста, образованието и многу други области во кои би можеле да најдеме заеднички интерес“, порача претседателот Пендаровски.
Новоименуваниот амбасадор Гомес Лопес истакна дека Република Гвинеја-Бисао е сè уште држава во ран развој и изрази очекување за воспоставување на соработка со Северна Македонија, која ќе биде во полза на двете страни и во заемен интерес на нашите народи.