Претседателот на Советот на странски инвеститори, Виктор Мизо не очекува во автомобилската индустрија во земјава да има отпуштање од работа, но е можно да не се вработуваат нови и да се користи природната флуктуација на кадарот како решение за проблемот. Тој меѓутоа, очекува да се намали обемот на производството во дел од компаниите поради состојбите во автомобилската индустрија во Германија и во Европа.
– На денешниот состанок во Владата не беа сите компании од автомобилската индустрија. Намалување на профитите е реално да се очекува. Тоа што се случува во Германија влијае врз компаниите не само кај нас, туку и на глобално ниво. Следната година Европа ќе мора да ја врати конкурентноста на производителите на автомобили поради притисокот од Кина од аспект на трошоците, повисоката технологија и пониските цени на возилата, но и развојот на возила во Европа ќе треба да биде направен на побрз и подинамичен начин. Ќе има и рационализација на трошоците секаде низ Европа. Тоа е факт, но автомобилската индустрија е во криза секоја година или година и пол, сме биле во криза и порано, ќе ја пребродиме и оваа- рече Мизо.
Во однос на компаниите отпуштањето од работа тој рече дека тоа ќе зависи од ангажманот на компаниите за потребите на клиентите.
– Тоа зависи од пазарот во Европа, но и од моделот за кој се изработуваат компоненти на различните локации во Македонија, не можам да дадам еден одговор за сите. Може да има на некои места намалување на обемот на работа, не би рекол дека ќе има отпуштања. Понекогаш има природна флуктуација на вработени, можеби веднаш нема да се пополнуваат тие работни места до моментот додека бизнисот се врати на очекуваните нивоа – рече Мизо.