Претседателот на Собранието Африм Гаши ја закажа седницата за избор на новата Влада во сабота во 11 часот.
Мандатарот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вчера во законодавниот дом го достави предлогот за состав на владата и програмата за нејзината работа.
Собранискиот Деловник предвидува седница за избор на Влада да трае најмногу два дена.
Мандаторот ја образложува програмата и предлогот за состав на Владата, по што во Собранието се води единствен претрес.
Гласањето за избор на Владата се врши по предлогот за состав на Владата во целина, со јавно гласање. Гласањето се врши по завршување на претресот, а најдоцна во 24:00 часот.
Владата е избрана ако за неа гласало мнозинството од вкупниот број пратеници.
Претседателот на Собранието го известува претседателот на Републиката за изборот на Владата.
Новата Влада што ја предложи Мицкоски ќе брои 24 члена. Покрај премиерот, ќе има уште 23 вицепремиери и министри, од кои 20 со ресор.
Во владиниот кабинет на Мицкоски, 15 членови се од коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, шест од коалицијата Вреди и двајца од ЗНАМ.