Претседателот на државата нема да може да помилува лица пред тие да бидат правосилно осудени ако во Собранието се усвои новиот предлог закон за помилување

Lorita
By Lorita 2 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!

Претседателот на државата нема да може да помилува лица пред тие да бидат правосилно осудени ако во Собранието се усвои новиот предлог закон за помилување, потврди вчера министерот за правда Никола Тупанчески откако овие новитети претходно ги најави и шефот на државата Стево Пендаровски.

Тоа, според Тупанчевски, значи дека во една поранешна фаза од судската постапка не ќе постои можност за помилување.

Новиот закон има прецизирани рокови и надлежности на институциите, а клучниот збор ќе го има претседателот. Измените се направени поради различните толкувања на постојниот закон во минатото.

– Законот за помилување е практично нов закон. Сведоци сме дека долг период во неколку наврати беше применуван постоечкиот и примената на тој закон покажа дека навистина постојат одредби кои различно се интерпретираат. Во таа насока се обидуваме да се сведат на минимум таквите можности за различни толкувања на законот, така што се дадени прецизни критериуми, се знае кои институции, до каде се надлежностите и практично се анулирани сите потенцијални можности за злоупотреба на можности – рече министерот.

Неодамна, претседателот Пендаровски рече дека ги поддржува ваквите измени со оглед дека изминативе 20 години во земјава сме имале неколку контроверзни ситуации, дали од политички или од други причини, кога некој помилувал некого уште во рана фаза на постапка.

– Треба да се остави судскиот систем да истера постапка, да се соочат аргументите на обвинителството и на одбраната и на крајот ако смета претседателот, кога ќе заврши целата постапка и таа пресуда стане правосилна, дека има некаков простор за корекција на таа пресуда, тогаш е дозволено да влезе во процесот, а не првиот, вториот или третиот ден да пресуди и да рече: Нема да има постапка понатаму, со што практично де факто се дерогира целокупниот правосуден систем – рече Пендаровски.

Дел од правниците стравуваат дека новото законско решение за помилување може да се злоупотребува за политички цели, а за да се избегне тоа, предлагаат во комисиите за помилување да бидат вклучени и судиите.

Share This Article