Со концерт на светски познатиот виолинист од Литванија, Џулијан Рахлин и уметниците од оркестарот на Македонската филхармонија, вечерва на сцената на Античкиот театар отворено e 64-тото издание на фестивалот „Охридско лето“, нашата најголема и најрепрезентативна музичко-сценска манифестација.
Фестивалот за отворен го прогласи претседателката Гордана Сиљановска Давкова, која пред исполнетиот аудиториум на Антички посочи дека културниот настан над настаните, „Охридското лето“ повторно е пред голем предизвик „По шеесет и четврти пат да покаже и да докаже дека младиот Ниче бил во право кога тврдел дека животот без музика би бил грешка…“
Сиљановска Давкова потсети дека пред повеќе од шеесет години, во екот на Студената војна, тука, во градот распослан на езерото, опкружен со планински врвови, надвишен и заштитен со Самоиловите кули, се роди фестивалот „Охридско лето“, со што како што рече „ природниот споменик стана и културен споменик“.
– Чувствувам дека ноќва виртуозниот Џулијан Рахлин и Македонската филхармонија ќе ни ја отворат Охридската рајска музичка порта за заедно да зачекориме кон убавото, кон доброто и возвишеното – истакна таа.
Свое обраќање имаше и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, кој истакна дека Фестивалот „Охридско лето“ претставува временска верига на високи уметнички вредности што се создаваат овде и само овде, во древниот Охрид.
Со вечерашното палење на фестивалскиот оган, Охрид почнува да ги живее престојните 40 дена возбуда што ги носи 64. „Охридско лето“.
Од вечерва се до 20 август на отворените сцени на Антички театар, Долни Сарај, Предворјето на црквата „Св Софија“, како и самата црква „Св Софија“ и Центарот за култура ќе продефилираат и настапат над 500 уметници од 24 земји, а вљубениците во класичната уметност ќе имаат прилика да уживаат во 27 концерти, шест театарски претстави и три настани во дополнителната програма.