Во Собранието на Република Македонија, владејачкото мнозинство на СДСМ и ДУИ заедно со претседателот Талат Џафери спороведуваат пасивна блокада на работењето на законодавниот дом, вели пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов.
– Неколку недели наназад собранискиот сајт е во хаос и не функционира. На календарот за секојдневни активности на кој што има седници за комисии и пленарни седници недостасуваат материјалите кои што треба да бидат прикачени заедно со седниците, што е крајно недозволиво. Исто така, сајтот на е-парламент преку кој пратениците и собраниската служба имаат увид до пристигнати закони во Собранието и нивната собраниска процедура е нефункционален, така што се отежнува работата на пратениците и службата – вели пратеникот.
Пренџов алармира дека во законодавниот дом зачестија деновите кога или нема струја или се исклучува интернет конекцијата, со што се блокирани сите собраниски активности.
– Токму денес кога ја држам оваа прес конференција се случува да се гаси интернет конекцијата така што имавме потешкотии и да ја најавиме до медиумите. Очигледно е дека ниту се работи за некаква случајост, ниту за некакви технички проблеми. Ова е пасивна блокада на законодавниот дом од страна на владејачкото мнозинство – додава тој.