Премиерот Христијан Мицкоски вели дека до овој момент нема информација за евентуално поскапување на струјата. Како што оцени денеска, состојбата е стабилна и конслидирана, а Владата, и покрај сите предизвици, навреме презема мерки за да нема ценовен шок и да има електрична енергија.
Мицкоски, одговорајќи на новинарски прашања, за идната недела најави „пријатно изненадување“ поврзано со енергетиката и сигурноста во снабдувањето со енергенси.
Ваучери за инвертери за домаќинствата, како што информира премиерот, ќе има и идната година.
– До овој момент немам информација дека ќе има зголемување на цената на електричната енргија. Зимата ќе биде предизвикувачка, имајќи предвид со што сѐ се соочува Европа и какви се временските прогнози. Во име на тоа преземавме мерки, за да не дојде до ценовен шок и до поскапување на струјата. Како тоа на крај ќе заврши, зависи и од Регулаторната комисија за енергетика – истакна Мицкоски по увидот во градежните работи на делници во Велес.
Тој потсети дека оваа Влада го почнала мандатот со одлуката од претходната, која обезбедила 85% од потребите на граѓаните од 1 јули до 31 декември.
– Веќе сме средина на ноември, ние ја зголемивме количината на 100%, а притоа не дојде до поскапување на струјата. Компанијата се консолидира, ја посетивме РЕК Битола, околу 200-250 илјади тони имаме на депонија, на греда, таа состојба беше на нула, имаме парче кое се ископува од 1,5 милиони, се увезува јаглен по 10%, 15%, 20% пониски цени, режиските трошоци се намалени за 15%. Заштедата ќе биде околу половина милијарда денари кога ќе заврши целиот процес. Тоа ми дава право да кажам дека состојбата е стабилна, конслидириана, а и покрај сите предизвици, навреме презедовме мерки за да нема ценовен шок, да има струја. Гасот што го набавуваме за потребите на ЕСМ е за драматично пониска цена од онаа што го набавуваше претходната Влада. Следната недела, среда, четрток, очекувам пријатно изненадување кога станува збор за енергетиката и сигурноста во снабдувањето со енергенси – посочи Мицкоски.
Премиерот информира и дека пред да дојде денеска во Велес имал состанок со министерката за енергетика, Сања Божиновска, од која бил информиран дека над 85% од ваучерите за инвертери се поделени за помалку од 2 дена.
– Интересот е голем, правиме сѐ што можеме да го затвориме процесот како што треба и во иднина да ја зголемиме поддршката ѐ истакна Мицкоски.