Премиерот Димитар Ковачевски заедно со министерот за економија Крешник Бектеши и директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски, денеска во супермаркетот „Рамстор“ во населбата Капиштец, проверуваа дали цените на тестенините, млекото и млечните производи се замрзнати и намалени за 15 односно 10 отсто.
Ковачевски при тоа потроши и 328 денари и купи леб, макарони сирење и урда и констатира дека цените се намалени.
-Можевме да се увериме дека одлуката за намалување на цените се почитува од страна на производителите и од страна на троговците, и можевме да видиме дека се однесува како на цената на лебот, но има намалување и на цените на тестенините и на млечните производи. Ова сметаме дека ќе придонесе за олеснување на семејниот буџет на граѓаните. Нема да дозволиме личен профит врз грбот на граѓаните. Очекувам компаниите да имаат разбирање за општото добро. Владата продолжува да го штити стандардот и интересот на граѓаните – изјави Ковачевски.
Бектеши, пак, рече дека во април се очекуваат нови мерки на владата.
-Мерките ќе ги дефинираме со министерот за финансии и премиерот. Оваа криза нема да биде на грб на граѓаните. Ние ќе се откажеме од давачки, компаниите од профити – истакна тој.
Директорот на Државен пазарен инспекторат (ДПИ), Горан Трајковски рече дека инспектораатот постапува со полн капацитет и во текот на денот ќе има подетални информации дали има компании кои не ги почитуваат одредбите.
– Над 160 инспектори се на терен низ целата земја. Апелирам, бидејќи имаше 6 дена период за прилагодување, компаниите да го почитуваат законот, бидејќи по законот за трговија, санкциите се од 800 до илјада евра… ние како инспекторат ќе ги вршиме надзорите согласно законот. Досега нема нерегуларности, но да го почекаме крајот на денот, па потоа ќе инфомираме, ќе ги објавиме прекршителите и со називите на трговските субјекти – реќе Трајковски.