Од Стопанската комора на Србија (ПКС) соопштија дека до 2 април годинава 2.239 граѓани побарале ИД број на Отворен Балкан за слободен пристап до пазарот на трудот на Србија, Македонија и Албанија, јави дописникот на МИА од Белград.
Националната служба за вработување на Србија лани и во првите месеци од годинава издале вкупно 556 работни дозволи на државјани на Македонија и 99 работни дозволи на државјани на Албанија. Во првите три месеци од годинава (1 јануари – 26 март) во Србија се вработиле 62 Македонци и 10 Албанци.
Александар Радовановиќ, шеф на Центарот за регионална соработка при ПКС, за Политика изјави дека договорот за слободно движење на работната сила во рамките на иницијативата е важна работа, бидејќи е освоена слобода на движењето, а според тој принцип функционира и целата ЕУ.
-Интересот на граѓаните е голем. Слично е и во Северна Македонија и Албанија, а резултатот на се е полесен пристап до работа, бидејќи во само неколку чекори секој кандидат може да го реши прашањето за работна и за дозвола за престој, без дополнителни трошоци, чекање на шалтери, непотребна документација – изјави Радовановиќ.
И бизнисмените, додава, се многу заинтересирани за работниците од другите две земји. Најголем интерес има во секторите градежништво, земјоделство, угостителство, преработката и машинството.
-Оваа иницијатива ќе им олесни на компаниите да дојдат до недостаток на кадар. Но, ова нема да го реши прашањето за дефицитарните занимања или проблемот со одливот на работна сила. Се очекува овие процеси на некој начин да го ублажат и барем малку да се намали заминувањето на луѓето од регионот. Сето тоа ќе биде одличен сигнал за доаѓање на нови странски инвеститори – уверува Радовановиќ.
„Отворен Балкан“, како регионална иницијатива насочена кон подобрување на слободата на движење на стоки, услуги и луѓе, започна во 2021 година, но две години пред тоа беа пандемијски. Бидејќи 2019 година беше рекордна за регионална размена, таа година беше земена како вистински параметар за анализа на успешноста.
–На пример, во 2023 година српскиот извоз во Албанија се зголеми за 69 отсто во споредба со 2019 година, а извозот во Македонија се зголеми за 54 отсто. Тоа значи дека вкупната размена меѓу трите земји во 2023 година изнесувала 1,7 милијарди евра – додава Радовановиќ.
На граѓаните на С. Македонија и Албанија повеќе не им требаат дозволи за престој и работа, односно Законот за вработување странци нема да важи за државјаните на тие две земји кога се вработени во Србија. Нивното вработување во Србија се врши на ист начин како и за граѓаните на Србија. Врз основа на матичниот број, работниците можат да патуваат низ земјата и да аплицираат за работа исто како и домашните работници. Истите правила важат и за граѓаните на Србија кога одат на работа во Албанија или Македонија.
ИД бројот е всушност нивната „лична карта“, со која можат да бараат и стан, а полицијата секогаш ќе може да ги проверува. Секој што има налог на српскиот портал за е-управа може да аплицира за работа во Албанија и С Македонија, а трите земји имаат единствена база на податоци за сите слободни работни места.